Вкупно 30 пожари на отворен простор се регистрирани денеска до 18.30 часот, од кои 12 се активни, два се под контрола, а 16 се изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Активни се пожарите во Општина Студеничани, на потегот меѓу селата Драчевица и Цветово, месност „Калдиред“, како и кај селото Количани, месност „Краста“ – село Црвена Вода, каде гори мешана шума и ниска вегетација.
Активен пожар има и во Општина Чашка, кај селото Јаболчиште, месност „Биков Гроб“, каде гори букова и дабова шума, кривуљ и ниска вегетација.
Во Општина Липково активни се два пожара – кај селото Стрима, месност „Гури Куќ“, каде гори борова и нискостеблеста шума, и кај селото Матејче, каде е зафатена ниска вегетација.
Пожари се активни и во Општина Дебарца, кај селото Лактиње; во Општина Виница, кај селото Лески, каде гори стрниште и ниска вегетација; во Општина Врапчиште, кај селото Добри Дол; во Општина Битола, кај селото Кукуречани; во Општина Новаци, кај селото Добромири, покрај Црна Река; како и во три подрачја во Општина Прилеп – кај селата Ерековци, Шелеверци и Средорек.
Двата пожара што се ставени под контрола се во Општина Куманово, на депонијата „Краста“, каде гори ѓубре, и во Општина Кочани, на потегот меѓу селата Грдовци и Мојанци, каде гори дива депонија со гуми и дрва.
Во текот на денот се изгаснати вкупно 16 пожари.
Во Општина Сарај е изгаснат пожарот кај селото Долно Свиларе, каде горела борова шума, а во Општина Центар пожарот бил на булеварот „Гоце Делчев“, каде горело ѓубре. Изгаснати се и пожарите во Општина Чаир, на улицата „372“, Општина Аеродром, во Долно Лисиче, и Општина Гази Баба, кај селото Идризово.
Пожари се изгаснати и во Општина Могила, кај селата Мусинци и Српци – Беранци; во Општина Долнени, кај селото Локвени; во Општина Демир Хисар, кај селото Кутретино; во Општина Босилово, кај селото Секирник; во Општина Василево, кај селото Нова Маала; во Општина Македонска Каменица, кај селото Моштица, месност „Павлиш дол“; во Општина Виница, кај селото Драгобрашта; во Општина Куманово, кај селото Романовце; во Општина Кратово, на градската депонија; и во Општина Врапчиште, кај селото Неготино.
































