Посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков на Скопје е одложена на неопределено време, откако тој заврши во самоизолација поради контакт со позитивен на ковид-19 на вчерашната средба на Консултативниот совет за национална безбедност во Софија. Од прес-центарот на бугарската влада за БНТ соопштиле дека посетата на Скопје не се откажува, туку дека се одложува, но не е јасно за кога.
Освен премиерот Петков и бугарскиот претседател Румен Радев е во самоизолација поради контакт со спикерот на Националното собрание, Никола Минчев, кој е позитивен на коронавирус. Главниот државен здравствен инспектор на Бугарија, Ангел Кунчев, објави дека сите учесници на Советот за безбедност се во самоизолација. Според бугарските медиуми, на сила стапуваат нови мерки со кои перидот на изолација се намалува од 14 на 10 дена, а карантинот од 10 на седум дена.
Беше најавено дека Петков на 18 јануари ќе допатува во Скопје на средба со мандатарот Димитар Ковачевски, на која требаше да се разговара за надминување на спорот, со цел одблокирање на македонските евроинтеграции.