Дрвена погребна маска стара околу 1.000 години, украсена со вистинска човечка коса и обоена со црвен минерален пигмент, открива интересни детали за погребните обичаи на древната култура Чанкај во Перу, пишува Лајв сајанс (Live Science).
Маската потекнува од периодот меѓу 1000 и 1450 година и денес се чува во Музејот на уметноста „Волтерс“ во Балтимор. Изработена е од дрво, а наместо на лице на покојник, била поставувана на погребен сноп како симболично претставување на починатиот.
Посебно внимание привлекува периката направена од вистинска човечка коса, како и црвениот пигмент со кој е обоена маската. Станува збор за цинобар – минерал што содржи жива и во многу древни цивилизации бил користен при погребни обреди и изработка на луксузни предмети.
Археолозите сметаат дека ваквите маски имале важна улога во култот кон предците и биле дел од ритуалите поврзани со погребувањето и сеќавањето на починатите.



































