Фото: Влада

И покрај две новинарски прашања упатени до премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција во Владата, тој не кажа врз која основа Владата на затворената седница донела одлука да се отпочне процедура за одземање на македонското државјанство што му било дадено на руско-украинскиот олигарх Олександар Онишченко. А на прашањето дали ќе има одговорност за директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Виктор Димовски, премиерот само рече дека Агенцијата за 20 дена ќе има нов директор.

-Во однос на раководењето на АНБ, за 20 дена ќе има нов директор – рече премиерот на прес-конференцијата на која ги претставуваше новите владини мерки за справување со енергетската и економска криза.
Тој не откри детали за државјанството на Онишченко

Мандатот на Виктор Димовски и формално е при крај, а тој е именуван за амбасадор во Франција за што веќе има добиено агреман. Опозицијата бара негова одговорност како директор на АНБ, односно како последниот филтер во однос на одобрувањето на државјанство за Онишченко, но опозицијата бара Димовски да не биде испратен за амбасадор.

Целата афера поврзна со Олександар Онишченко настана откако беше откриено дека тој е на црната листа на САД и дека е контроверзна личност и во Русија и во Украина како олигарх и поранешен политичар.