Централното претседателство на Алијанса за Албанците (АА), на вечерашниот состанок, донесе одлука за влез во Владата, информираше претседателот на партијата, Арбен Таравари, по партискиот состанок.
– Организиравме и референдум во партијата за да го чуеме гласот на членовите. Добивме фидбек од повеќето членови на Алијанса за Албанците дека е добро АА да биде дел од Владата. Исто така, и повеќето членови на централното претседателство донесоа одлука, со пакетот што го испрезентиравме пред нив, Алијанса за Албанците да биде дел од Владата – рече Таравари.
Алијанса за Албанците, како што рече Таравари, во Владата ќе има три министерски и две заменик-министерски места.
– Во Владата ќе имаме двајца заменици-министри и тоа за одбрана и за земјоделство, како и три министерства од кои Правда и Здравство се сигурни и третото ќе биде или за информатичко општетсво или заменик-премиер за економски прашања – додаде Таравари.
За тоа дали Алијанса за Албанците ќе добие и директорски места во институции, Таравари рече дека и на тие позиции ќе имаат свои луѓе, но сепак остава прво да се избере Влада, па потоа ќе се назначат директори.
Вечерва заседаваше и Централниот одбор на СДСМ и го одобри влезот на АА во Владата. Како што рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, кадровското освежување ќе доведе до нов импулс и квалитет на животот на граѓаните. Централниот одбор го овластил претседателот на партијата, премиерот Димитар Ковачевски, да започне со кадровските решенија со партијата на Таравари.
Во меѓувреме, членот на Извршниот одбор на СДСМ, Дарко Каевски, во гостување на ТВ24, изјави дека на Алтернатива ѝ е отворена вратата да остане во Владата.