Претседателот, Стево Пендаровски, денеска на пладне на Меѓународниот аеродром Скопје ќе има средба со претседателот на Бугарија, Румен Радев, по што двајцата претседатели со државниот авион на Бугарија ќе заминат во посета на Италија и Светата Столица.

По пристигнувањето во Рим, предвидено е претседателот Пендаровски да има средба со претседателот на Италија, Серџо Матарела.

Во четврток, 27 мај, Пендаровски, ќе има аудиенција кај Папата Франциск, а ќе има средба и со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Пјетро Паролин.

Потоа, во базиликата „Сан Клементе“ ќе положи цвеќе на гробот на Свети Кирил.

Во попладневните часови, Пендаровски заедно со Радев ќе ја посети базиликата „Санта Марија Маџоре“ и заеднички ќе оддадат почит на делото на Светите браќа Кирил и Методиј.