Фото: Игор Бансколиев

Државите од регионот и од светот несебично го одврзаа ќесето за набавка на оружје, при што речиси 2.000 милијарди долари се издвоени во 2020 година за вооружување. Толку пари за војска не се потрошени уште од 1988 година, односно од периодот на Студената војна

Пандемијата ја засили трката во вооружувањето

Пандемијата на коронавирусот, веројатно неочекувано, ја засили трката во вооружување во светот и во регионот, што не ја изостави и нашата земја.
Така, балканскиот сервис на Ал џезеира информира дека Балканот наместо да набавува медицинска опрема во болниците, ги полни армиите од регионот со оружје и борбени средства.
Регионалната битка за превласт и модернизација на војските во регионот ја предводат Србија и Хрватска, додека најмалку за оружје вложува соседно Косово, кое за оваа намена издвоило 79 милиони.
Според извештајот на СИПРИ, речиси сите 30 членки на НАТО, меѓу кои и Македонија, во 2020 година ги зголемиле трошоците за вооружување.
И германскиот весник „Велт“ констатира дека земјите од Европа бележат драматичен раст на вооружувањето и предупредува дека трендот може да биде особено опасен во регионот на Балканот.
– Особено поновите членки на ЕУ, од Полска преку Унгарија до Бугарија, забрзано го модернизираат својот очајно застарен арсенал од советско време. Сите земји во регионот имаат програми за вооружување што траат до 2026 или 2030 година – пренесува весникот.

Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски, во однос на ваквите трендови и случувања, вели дека пандемијата на глобално ниво предизвика општа несигурност и недоверба меѓу државите, а сето тоа резултира со несакани последици, меѓу кои и зголемувањето на воените буџети и билдањето на арсеналот на војските.
– Од овој тренд не беше исклучена и Македонија, која токму овој период го искористи да набави оклопни возила за армијата и нови американски пушки за специјалните сили на нашата војска – вели Стефаноски.
Тој цени дека ваквите состојби, за жал, и покрај присуството на НАТО во регионот ќе продолжат и во иднина, бидејќи кога ќе почне да се полни Балканот со оружје тој процес никогаш не сопира.

Во меѓувреме, на светско ниво без оглед на тоа што глобалната економија слабее поради пандемијата, речиси 2.000 милијарди долари во 2020 година се издвоени за вооружување.
На прво место се САД и Кина, а Германија „се искачи“ на седмото место во светот.
Во своја анализа на оваа тема, „Дојче веле“ информира дека толку пари за војска не се потрошени уште од 1988 година, а тогаш тоа беше времето на Студената војна.
ДВ информира дека минатата 2020 година државите во светот вложиле 1981 милијарда долари во ракети, тенкови, муниција и во сопствената војска. Тоа се 2,6 отсто повеќе отколку пред една година. И сево ова и покрај пандемијата на коронавирусот, чие сузбивање предизвика економски колапс.

[email protected]