Фото: Игор Бансколиев

Методологијата за подготовка, организација и за спроведување на пописот во април, беше објавена од страна на директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски на денешната на прес-конференција. Тој истакна дека методологијата е објавена во Службен весник и може да се види и на веб-страницата на ДЗС. Симовски ги повика граѓаните да го сфатат пописот сериозно, бидејќи се спроведува исклучиво за креирање на политики во нивен интерес.

– Граѓаните можат само да изгубат ако одбијат да дадат податоци на пописот. Секој што ќе се обиде да одбие, односно да не учествува во пописот си прави штета себеси, како и на сите граѓани во државата. Апелирам сите да го прифатат пописот, бидејќи ова е општествено-корисна акција во интерес на сите граѓани, не е во интерес на ниту една политичка структура. Податоците од пописот имаат голема употреблива вредност – нагласи Симовски.

Тој додаде и дека секој податок даден за време на пописот ќе се проверува преку неколку бази на податоци (на МВР, Министерството за здравство, МТСП, УЈП и други) апелирајќи за веродостојност на информациите кои ќе бидат давани на попишувачите.

Симовски одби да ги коментира политичките изјави за можно одложување на пописот, напоменувајќи дека Заводот за статистика се води според Законот за попис со кој е утврден перидот за спроведувањето на статистичката операција.

Тој најави и дека дијаспората ќе се попишува еден месец пред почнувањето на пописот, односно преку апликација што ќе биде во функција од 1 март.

Собранието минатиот месец го донесе Законот за попис на населението, домаќинства и становите во Македонија, според кој спроведувањето на пописот ќе се одвива од 1 до 21 април годинава. Законот гарантира одржување попис според меѓународните стандарди и стандардите на Евростат.