Фото: Игор Бансколиев

Во некои светски економии се размислува или веќе се воведува таканаречениот ковид-данок, со кој дополнително се даночат побогатите граѓани за средствата да се искористат за поддршка на здравствениот сектор. Експертите во Македонија се воздржани во однос на ефектите од еднократните интервенции и се залагаат за промена на даночниот модел

Даночењето на најбогатите во една земја, еднократно, како мерка за собирање средства со кои би се покривале зголемените трошоци на државите поради пандемијата сѐ почесто се споменува низ медиумите. Во светот таква еднократна мерка веќе е воведена во Аргентина, но таа не е единствената земја со вакви планови. Аргентинците, со воведувањето на еднократниот данок за жителите чиј имот вреди над 2,3 милиони долари, планираат да соберат околу три милијарди долари, кои ќе се користат во медицински цели или за поддршка на економијата. Оданочување на богатите е тема за која веќе се разговарало и во Велика Британија, каде што размислувањата одат во насока на оданочување на млади двојки милионери. Според пишувањата на Би-би-си, во Британија било формирано посебно тело, составено од академици, креатори на политики и даночни експерти, кое на Владата ѝ предложило данок на богатите, наместо општ пораст на сите даноци, како мерка за собирање повеќе средства поради порастот на трошоците на државата наметнати од борбата со пандемијата и поддршката на економијата.

Треба ли да се менува даночниот модел

Колку ваквите „еднократни“ даночни мерки може да придонесат да се зголеми опфатот на средствата што потоа би се користеле за подобрување на здравствените услуги за граѓаните во текот на оваа криза, или пак за стимулирање на економијата? Домашните експерти сметаат дека е дојдено време за промена на даночниот модел во земјава и дека сегашниот не е правичен и ја зголемува нееднаквост кај населението.
– Главниот проблем кај даноците е нивната зафатнина, дали тие зафаќаат повеќе од посиромашните или од побогатите граѓани. Еднократно воведување даноци не знам колку ги решава проблемите што се јавуваат во земјите при една ваква криза. Централно прашање е каков тип на даночење се применува во земјата, а суштински е да имаме правична поставеност на даночниот систем. Нашиот даночен систем базиран на таканаречените рамни даночни стапки е ужасно лоша работа, бидејќи само ја дозголемува нееднаквоста, само мал број држави го применуваат. Оваа форма се форсира од времето на претходната владејачка гарнитура, а сегашната, иако е левоориентирана, го продолжи овој модел. Тие имаа еден мал обид да воведат прогресивен данок, но самите го укинаа за шест месеци, а го пропагираа десет години. Сметам дека ова е главниот проблем, даночниот систем бара реформи, побогатите мора да платат повеќе, за здравството мора секогаш да има перманентно пари, не само кога има пандемија, и за образованието мора секогаш да има пари, не само при кризи… – вели поранешниот министер за финансии и некогашен гувернер Петар Гошев.

Тој истакнува дека даночниот систем мора да биде правичен и дополнува дека со сегашниот даночен систем во Македонија повеќе се зема од сиромашните отколку од богатите. Објаснува дека иако навидум има исти даночни стапки, токму поради тоа што имаме ист данок за сите, посиромашните даваат поголем дел од своите примања за даноци отколку богатите. Истакнува дека најголем опфат од даноците има преку данокот на додадена вредност, а сите граѓани плаќаат иста висина на ДДВ, со што од сиромашните се опфаќа повеќе од нивната плата отколку од платата на побогатите граѓани.
– Рамниот данок е измислица на неолибералите, и тој е практичен бидејќи лесно се пресметува, но голема мана му е што ја зголемува нееднаквоста. Дополнително, ако во една држава поголем дел од даноците се собира од ДДВ, а не од профитот и од даноците на имот, тогаш има проблем во општеството. Сметам дека еднократните даноци нема да ги решат состојбите, туку потребно е реформирање на даночниот систем во согласност со принципите за правичност и економската сила. Потребни се трајни решенија, не инстант решенија, туку промена на филозофијата на даночењето. Дури и Америка нема рамен данок, ниту Франција, ниту Англија. Најголемиот дел развиени земји имаат прогресивен данок, само „скапаните“ држави што излегоа од социјализмот имаат рамен данок. Оправдувањето дека со ниски даноци ќе има повеќе странски инвеститори, а со тоа ќе растат вработеноста и економијата, со што ќе се полни и буџетот на државата, не е реално. Искуството од последниве десетина и повеќе години, откако се применува рамниот данок, покажува дека земјава растела со три отсто пораст на БДП, а притоа јавниот долг значително порасна – истакна Гошев.

Буџетските дупки сѐ поголеми

Професорот Здравко Савески смета дека е сосема легитимно воведувањето вонредно оданочување, пред сѐ на богатите, особено во услови на економска криза. Тој појаснува дека во криза нормалното функционирање на капитализмот уште повеќе го концентрира богатството кај најбогатите, па посочува дека со нивното вонредно оданочување во одредена мера се ублажува оваа концентрација на богатството и се врши одредена прераспределба во корист на најзагрозените членови на општеството.
– Кај нас пропагандата што ја придружува економската политика, која упорно се спроведува во последните 30 години, и покрај нејзините катастрофални последици, не гледа позитивно на зголеменото оданочување на богатите. Наместо тоа, дупките во буџетот се пополнуваа прво со распродажба на заедничките добра, а потоа со задолжување. Минатата година екстремно порасна јавниот долг. Ние уште сме во „грејс-периодот“ за враќањето на долговите и каматите, но кога ќе дојде времето за „сервисирање на долгот“ (убава бирократска флоскула што крие ужасна реалност), тогаш ние може да се соочиме со огромен притисок врз животниот стандард. Во услови на одолжување на економската криза, ако не се прибегне кон вонредно оданочување на оние кај кои се концентрира богатството, ќе дојде до дополнително заглавување на долгови или до редуцирање на државните функции. Државата треба драстично да ги скрати трошоците за репрезентација и да води одговорна политика кон вработувањата во јавниот сектор, но во услови на криза, особено на одолжена криза, тоа може да се покаже недоволно, па изборот да се сведе на дополнително задолжување, редуцирање на бенефициите од државата за граѓаните или… дополнително оданочување на богатите, за и тие да преземат дел од товарот на кризата – посочува Савески.
Еднократниот данок што е воведен во Аргентина ќе опфати 12 илјади граѓани, кои ќе треба да платат дополнителни три проценти за пријавениот имот во земјата и над пет проценти за имотот што го имаат во странство, објави Би-би-си. Тамошните државници се надеваат дека со овој еднократен „данок на милионери“ ќе соберат околу три милијарди долари.

Ефектите од еднократните даноци

Од друга страна, еднократниот „данок на богатство“ би бил најдобриот начин за да се закрпат јавните финансии во Велика Британија, погодени од кризата со коронавирусот, велат даночни експерти. Наместо да ги зголемува данокот на доход или ДДВ, од Комисијата за данок на богатството ѝ предлагаат на Владата да разгледа начини за воведување „данок на двојки милионери“. Според нив, со даночењето на овие домаќинства може да соберат 260 милијарди фунти за пет години. Тие исто така посочиле дека поради кризата расте нееднаквоста во приходите.
– Даночна стапка од 1 процент годишно може да се наметне за пет години на богатство од над 1 милион фунти за домаќинство со две лица. Еднократниот данок на поединци со висока нето-вредност не би ја обесхрабрил економската активност и би било многу тешко да се избегне со префрлање пари во странство или со емиграција – соопшти Комисијата за богатство.
Тие предложиле и алтернатива, со која прагот за дополнително даночење би бил 4 милиони фунти по домаќинство, под претпоставка дека во него има две лица со по 2 милиони фунти, оданочени со стапка од 1 отсто годишно на богатството над тој праг. Процената е дека во ова сценарио ќе собере 80 милијарди фунти за пет години.
Еднократните даноци се користеле и претходно по големи кризи, вклучувајќи и во Франција, Германија и Јапонија по Втората светска војна и во Ирска по глобалната финансиска криза, се наведува во извештајот.