Розовата прошетка ќе се одвива во 14 града во Македонија истовремено, а ќе може да се следи и онлајн на социјалните мрежи

Здружението „Борка – за секој нов ден“ во партнерство со „Тинк пинк Јуроп“ (Think Pink Europe) е дел од најголемата хуманитарна трка/прошетка во Европа, „Напред розово“ (RACE FOR THE CURE). Овој спортски и хуманитарен настан ги обединува луѓето погодени од рак на дојка и нивните семејства и пријатели.

Овој настан, во согласност со епидемиолошката состојба во светот и кај нас, ќе се одвива преку глобална дигитална платформа преведена на 24 светски јазици, на која луѓето ширум Европа се поврзуваат преку онлајн регистрација за прошетка или трка во нивниот град, населба, локална заедница. Со учество во дигиталната трка што ќе се одржи 25, 26 и 27септември, граѓаните им помагаат на луѓето кои страдаат од рак на дојка со собирање на потребните средства и подигање на јавната свест за оваа болест.

– Преку донации или плаќање на симболична сума за регистација од 300 денари на платформата, станувате дел од дигиталната заедница, ја подигнувате свеста за ракот на дојка и придонесувате за различни форми на помош за болните. Собраните средства се исклучително важни, бидејќи годишно во Европа се дијагностицираат 500.000 нови случаи на рак на дојка, а за жал 130.000 луѓе го губат животот – велат од здружението „Борка“.

Глобалната цел е да се вклучат повеќе од 500.000 учесници на најголемиот европски спортски настан што ќе се одржи во 31 земја и се надеваме дека Македонија ќе биде земја со голем број на регистрации. Поради епидемиолошката состојба годинава, нема да можеме да направиме класична трка, но извесно е дека ќе ја продолжиме традицијата и нашата добро позната Розова прошетка која „Борка“ годинава ќе ја реализира по 12-ти пат. Оваа година, под името „Трка за лек“ (Race for the cure). Розовата прошетка ќе се одвива во 14 града во Македонија истовремено а ќе може да се следи и онлајн на социјалните мрежи.

– Во сите градови каде што имаме наши координатори ќе направиме прошетки и ќе го одбележиме овој настан. Среќни сме што наидовме на огромна поддршка од градоначалниците и сите со кои имавме средби безрезервно ќе ни се приклучат. Веќе имавме среби со Градоначалниците на Ресен, Охрид, Битола и Прилеп а во деновите што следат листата на градови значително ќе се зголеми – вели Биба Додева, претседател на „Борка“.

Се што треба граѓаните да направат е да се регистрираат на пратформата, да направат тим и да се подготват за 3 километарска прошетка или 5-километарска трка. Може да бидат каде што сакаат, запазувајќи ги здравствените препораки од Министерството за здравство. Може да пешачат или трчаат во нивното соседство, град или село, дури и да трчааат во затворено на трака за трчање, орбитрек, статичен велосипед или во теретана и да се поврзат со илјадници луѓе низ цела. Прирегистрацијата може да се избере личност или мотив за учеството, да се посвети персонализирана порака, да се прикачи фотографија или видео за поддршка на одредена личност или организација. Под мотото „Да останеме безбедни, да останеме поврзани“, а со споделувањето на социјалните мрежи, сите придонесуваме за подигнување на јавната свест за оваа болест.

– Ковид пандемијата ги стави на чекање пациентите кои се борат со ракот. Затоа, повеќе од кога било им е потребна нашата поддршка. Статистиките велат дека на глобално ниво во 2018 година бројот на новодијагностицирани од карцином на дојка биле 2.088.849 нови случаи, додека бројот на смртност бил 626.679. Во Македонија се дијагностицираат 3 до 4 случаи секој ден – дополни Додева

Кампањата „Напред розово“ ја поддржуваат голем број на компании, Европската Унија во Македонија и секако амбасадата на САД во Скопје.

– Ги повикуваме сите граѓани, активисти, волонтери, поддржувачи, медицински лица, пациенти и излекувани од оваа болест да ни се придружат и да пешачат или трчаат во чест на оние кои се борат, како и во чест на оние кои ја изгубиле битката со карциномот на дојка и прерано не напуштиле – повикуваат од здружението.

Инаку „Борка“ е полноправен член на „Тинк пинк Јуроп“, европска Алијанса за борба против рак на дојка, а веќе 11 години успешно, секој октомври, ја организира националната кампања за борба против ракот на дојка и манифестацијата „Напред розово“.