Скопјанката Маја Мицевска е eдинствената жена во Македонија која за првпат станала мајка на 51–годишна возраст. Таа е импресионирана од вработените во првата приватна општа болница „Ре-Медика“, кои ѝ ја пружиле сета нега и грижа уште од почетокот, па сè додека на свет не ја донела убавата Лина.

Оваа пријатна жена вели дека не ѝ се проблeм секојдневните обврски околу седуммесечната Лина, за која се грижи таа со нејзиниот сопруг, како и нејзината мајка. За тоа како одлучила да роди во повозрасно доба, како и за мајчинството, нѝ открива Маја во ова издание на „Ревита“.

Маја секогаш сакала да има свои деца, но не сакала сама да одгледува дете. Таа е на став дека секое дете треба да расте во семејство, со мајка и татко. Токму во периодот кога веќе престанала да размислува за брак, го запознала таткото на нејзиното дете.

– Јас и сопругот се сретнавме многу доцна во животот. Тогаш, тој 1 мај 2014 година, јас имав 47 години. Тој е четири и пол години помлад од мене, роден е во 1971 година, а јас во 1966 година. Веќе на мои 48 години започнавме да се обидуваме да имаме дете. Него го запознав во период од животот кога некако почнав да се откажувам од брак, но потајно, сепак, најголема желба ми беше да имам дете. Моите другарки имаат деца. Децата и мене ме сакаат, таква сум, дечарка по природа. Секогаш сакав да имам свое дете, но не сакав сама да го одгледувам, сакав тоа да расте со мајка и со татко – ја започна Маја својата животна приказна.

На денот на трансферот во „Ре-Медика“, Маја имала чувство дека ембрионот е женски.

– Бременоста ми ја водеше д-р Глигор Димитров. Тој ми влеа огромна доверба уште од првиот разговор. Имаше посебен однос кон мене, тој и д-р Рина Љатифи Исаки несебично беа со мене од почетокот до крајот на бременоста. Бременоста беше во ред, сите прегледи и скрининзи беа уредни, имав среќа околу мене да имам најдобри доктори – вели Маја.

Таа се потсетува дека кога дошло времето за породување, била многу смирена.

– Породувањето се случи со епидурална анестезија. Бев смирена, зашто тимот во „Ре-Медика“ беше совршен. Немам зборови да опишам колку беа професионални сите вработени. Знаете, можеби многумина ќе речат, па како да не бидат професионални кога плаќаме за тоа. Сепак, според мене ниту едни пари не можат да го платат тој однос, тоа големо трпение и љубов кои тие ги даваат. Лина се роди 2.870 грама, а беше долга 50 сантиметри. Кога ја извадија почна да плаче, а кога ми ја ставија на градите, се смири – се потсети Маја на најубавиот момент во животот.

Во болницата останале пет дена. Кога роднините и пријателите на Маја дознале дека чека бебе, со восхит зборувале за нејзината храброст да одлучи да стане мајка на тие години.

– Реакциите беа тие, не им се веруваше дека имам толкава храброст да родам дете на 51 година. Кога дојдовме дома од болница имав голема помош од мајка ми, која и ден денеска ми помага. Лина, главно, е мирно бебе. Станува рано, до скоро се будеше по три пати во ноќта, а сега се буди само еднаш. Сè уште не сака да спие во своето креветче, спие меѓу мене и сопругот. Кога ќе се разбуди наутро меѓу нас, почнува многу да се радува и да се смее, не знае во кого прво да гледа и кому прво да му се радува. Многу сака кога се шетаме надвор, сите деца ги гушка, среќно бебенце е – вели Маја.

Маја е архитектка, има своја фирма, а нејзиниот сопруг е електроинжинер. Кога Лина имала два месеци, Маја морала да им се врати на работните обврски. Изминатиов период времето повторно и го посветува на неа, но за два месеци ќе мора целосно да се врати на работа.

– Жал ми е што ќе морам да ја оставам Лина. За неа ќе се грижи мајка ми, но ќе ангажираме и дадилка, бидејќи и мајка ми си ги има годините – додава Маја.