Потребно е ново средношколско организирање за идни активни граѓани, беше заклучено на вчерашната тркалезна маса „Средношколско учество помеѓу теорија и практика“, организирана од страна на Младинскиот образовен форум (МОФ), во соработка со коалицијата на младински организации „Сега“, првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ и со поддршка од фондацијата „Песталоци“.

На средбата учествуваа 30 учесници и професори од различни училишта, кои дискутираа како да се обезбеди квалитетно средношколско организирање.
– На тркалезната маса се разговараше за предностите од средношколското учество. Врсничкото и училишното насилство, третманот кон ученикот, условите и екологијата во училиштето беа најголемите проблеми што ги издвоија учениците. Истовремено кажаа дека тие самите се трудат да направат дебати со соучениците, акции, едукативни фестивали и други настани, кои би ги имало многу повеќе кога учениците би имале посериозна поддршка, соопштија од МОФ.

Средношколското организирање не е пропишано во Законот за средно образование, единствено е утврдено во статутите на училиштата.
– Со дискусија за средношколското организирање, треба да одговориме на прашањата каде сакаме да биде следната генерација. Дали сакаме граѓани што ќе молчат и ќе бидат незаинтересирани да дејствуваат, или сакаме граѓани што ќе влијаат на секое прашање – наведе пратеничката Ивана Туфегџиќ од Собранискиот клуб за младински прашања и политики.

Катерина Конеска од „Меѓаши“ посочи дека во Собранието и институциите понекогаш се говори за детските права, но почесто на индиректен начин, наведувајќи дека со отворање на Законот за средно образование институциите ќе говорат повеќе.
– Важно е да се направат законски измени за да се гарантира дека во секое училиште учениците ќе бидат чуени и ќе може да направат промена – нагласи Мартин Лазаревски од МОФ.

Некои ученици споделија одлични иницијативи што ги реализирале: креативни фестивали, дебати, активности за поттикнување на другите ученици, но посакуваат да ги има повеќе и сите да имаат поддршка да ги пренесуваат своите пораки.