Фото: Маја Јаневска-Илиева

Помислата дека доаѓа пролетта, дека деновите се подолги и посончеви воопшто не ја менува реалната состојба, а таа е дека пали и гради кој ќе стигне и каде ќе стигне. Цврстите честички ослободени од согорувањата и од градежните активности и натаму остануваат во воздухот, а луѓето ги вдишуваат

Четири македонски града се на листата на најзагадени градови во светот во 2018 година, а свој придонес за ваквото рангирање имаат и граѓаните, кои со неодговорното однесување директно влијаат врз континуирано загадување на воздухот во текот на целата година. Според анализата изработена од меѓународната невладина еколошка организација „Гринпис“ и „Ај кју ер вижуел“, група со седиште во Швајцарија што глобално го следи аерозагадувањето, Скопје, Тетово, Куманово и Битола се на листата на најзагадени градови во 2018 година. На листата, на која се наоѓаат 3.000 града, Тетово е највисоко, на 169-то место, Куманово на 261-то, Битола на 280-то и Скопје на 315-то место. Помислата дека доаѓа пролетта, дека деновите се подолги и посончеви воопшто не ја менува реалната состојба, а таа е дека пали кој ќе стигне и каде ќе стигне. Цврстите честички ослободени од ваквите согорувања и натаму остануваат во воздухот, а луѓето ги вдишуваат. Пред неколку дена беа запалени триесетина стари гуми од автобуси и камиони на нива во околината на Гостивар, при што над градот се издигна црн токсичен чад, а гостиварци се пожалија на непријатна миризба и отежнато дишење. Гуми беа запалени и во скопската населба Трубарево, а неретко огнови од кои се шири непријатна миризба и чад можат да се забележат и на кејот на Вардар, под Скопско кале, како и на други места. Во време кога барем малку временските услови ја подобрија состојбата со квалитетот на воздухот, неодговорните граѓани се погрижија да не го заборавиме мирисот на стариот „добар“ чад.

– Навистина не знам како ќе се реши проблемот со загадувањето на воздухот. Се носат некакви мерки, но тие немаат ама баш никаков ефект. Цела година во Ново Лисиче воздухот е посебно загаден, постојано се чувствува непријатна миризба, а никој не може да открие од каде доаѓа – вели Срѓан Васиќ, жител на оваа скопска населба.
Според него, неодговорноста на граѓаните од околните населби дополнително ја влошува состојбата со загадувањето на воздухот.

– Се гори мебел, палети, пластика и никој од тие луѓе нема грам свест дека со тоа се нанесува штета по здравјето на сите – додава Васиќ.

Слично нешто се случи и на крајбрежјето во близината на струшко Калишта, каде што намерно беше запалена трската за да се ослободи просторот за идна градежна узурпација. Еколозите реагираа, додека локалните власти сметаа дека „ништо драматично не се случува“.

Стрништа се палат низ целата земја, а чадот се концентрира во урбаните средини. Згора на тоа, на квалитетот на воздухот влијаат и неколкуте пожари низ земјава. Пожари деновиве има насекаде низ земјава. Столбовите чад се издигаат високо, а пепелта и саѓите можат да се почувствуваат и во урбаните средини. Но тука се и уште многу други фактори.

– Состојбата не се подобрува поради немањето соодветна инфраструктура. Ние единствени во светот градиме во урбани густо населени зони, објектите што се градат се многу блиску до сообраќајниците, има високо ниво на бучава, а не се предвидени никакви мерки за заштита во фаза на градба и рушење објекти. Имаме греење на биомаса и фосилни горива, што треба да биде ретко во такви урбани зони. Имаме пренаселеност не само во Скопје туку и во други градови – вели Дејан Мираковски, експерт за животна средина.Од Државниот инспекторат за животна средина тврдат дека локалните инспектори се постојано на терен и секаде каде што ќе забележат палење што доведува до загадување на воздухот, постапуваат според Законот за животна средина.

– Инспекторите се на терен и имаат ингеренции да преземат мерки ако утврдат дека некаде се палат стрништа или огнови со кои се загадува воздухот. Тие можат да преземат мерки за санкционирање на сторителите, а според Законот за животна средина постојат и казни што можат да им бидат изречени на оние што ги палат огновите – вели Хусни Тачи, раководител на Секторот за вршење инспекциски надзор во животна средина.

Инаку, според овој закон, за палење со кое се предизвикува загадување на животната средина е предвидена парична казна, како и затворски казни од три до десет години, во зависност од тежината на загадувањето што е предизвикано. Веројатно кога државата посериозно ќе почне да се занимава со проблемот со загадениот воздух, кога загадувачите ќе почнат редовно да се казнуваат, можеби тогаш ќе проработи свеста дека здравјето на луѓето нема цена.

[email protected]