Во центарот на градот, плоштадот и по должината на маршрутата по која ќе се движи папата се поставени огради, а екипи ги чистат и крпат улиците. Надлежните велат дека се направени сите подготовки
Папата Франциск, поглаварот на Католичката црква, доаѓа во нашата земја да испрати пораки за мир, солидарност, особено во овој многу важен период за државата, со цел да ја зацврсти внатрешната кохезија. Ова вчера го соопшти Виктор Димовски, државниот секретар на Министерството за надворешни работи. Тој ги повика граѓаните да излезат на улиците на главниот град и да го поздрават доаѓањето на папата.
– Апелираме до граѓаните да бидат трпеливи и да се приспособат на сообраќајниoт режим во текот на целиот ден. Се очекува над 15 илјади луѓе да присуствуваат на централната миса на плоштадот во Скопје – додаде Димовски.
Во центарот на градот, плоштадот и по должината на маршрутата по која ќе се движи папата се поставени огради, а екипи ги чистат и крпат улиците. Надлежните велат дека се направени сите подготовки.
Во Скопје се пристигнати и странските новинарски тимови што ќе ја следат посетата на папата, како и верници од околните земји што ќе присуствуваат на денешната свечена миса на плоштадот.
МВР ги направило сите неопходни подготовки за посебни сообраќајни правила и режим за време на посетата на папата за да се обезбедат сите безбедносни обврски за посетата на високиот гостин, како и да обезбедат оптимални услови за движење на граѓаните за остварување на нивните приватни и работни обврски. Оттаму посочуваат граѓаните да се информираат навремено за проодноста на улиците и да го користат автобускиот сообраќај во текот на денот.
Од Министерството за здравство информираат дека во Клиничкиот центар нема да може да се влезе во автомобили од понеделник попладне, па до заминувањето на папата. Сите прегледи во рамките на „Мој термин“ закажани за вторник се откажуваат и ќе бидат презакажани во најбрз временски рок. Пациентите од целата држава ќе можат непречено да ги добијат неопходните здравствени интервенции, но да се упатуваат во градската општа болница „8 Септември“ (или поранешната Воена болница), или во универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ (поранешна Градска). Клиничкиот центар ќе прима само итни случаи. Клиниката за гинекологија и акушерство ќе биде достапна за пациентките, како и клиниката за детски болести, до каде што ќе се пристапува од влезот кај хотелот „Тасино чешмиче“.
Поштенска марка за првата посета на папата во земјава
Промовирана е поштенска марка „Прва посета на папа во Република Северна Македонија“, во пресрет на неговата посета на главниот град Скопје.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вчера истакна дека ова е одличен начин да се забележи посетата на папата, која е историски настан.
Неработен ден во Скопје
Поради посетата на папата Франциск, Владата вчера го прогласи денешниот ден, 7 мај, за неработен за сите вработени во јавната и државната администрација на територијата на градот Скопје.
Со оваа одлука се опфатени основните и средните училишта, а градинките ќе бидат организирани непречено да ја извршуваат својата функција.
Владата им препорачува и на приватните компании, особено од централното градско подрачје, да ја прифатат одлуката овој ден да биде неработен и за вработените во овој сектор.