Младен Чадиковски е новиот претседател на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Тој беше избран на денешното редовно изборно собрание на кое од вкупно 555 членови присуствуваа 175, а за него гласаа 86. Неговиот противкандидат во трката за прв човек на ЗНМ Стојанче Наумов доби 77 гласови. Досега функцијата претседател на ЗНМ во два мандата ја вршеше Насер Селмани.
Чадиковски по прогласувањето на резултатите од гласањето порача дека во текот на неговиот мандат нема да прави компромис кога станува збор за слободата на говорот и професионализација на медиумите.
– Останувам на постулатите кои ги кажав на почетокот дека нема компромиси во однос на слободата на говорот и професионализација на медиумите и новинарството во Македонија. За тоа ќе се залагаме во следните четири години за да можеме да кажеме дека сме постигнале повеќе од она што досега е постигнато – рече тој.
На денешното Изборно собрание на ЗНМ беа избрани и новите членови на Управниот одбор, Надзорниот одбор и на Судот на честа.
– Во Македонија во мода е помирувањето како еден термин кој беше промовиран и тој не смее да остане само на збор. Во таа насока сакам искрено и од срце да кажам дека ќе бидам претседател на сите членови на ЗНМ, без разлика од кои медиуми и редакции, телевизии доаѓаат, без разлика од каде јас доаѓам. Заеднички интерес ни е новинарската професија, а интересите на сопствениците и останатите политички фигури не треба воопшто да не вознемируваат, ниту пак со нив да се занимаваме. Јавниот итерес ќе остане пред се и над се – порача Чадиковски, презентирајќи ја својата програма пред учесниците на Собранието пред гласањето.
Тој истакна дека иако имаме силно ЗНМ, Совет за етика во медиумите и други тела, сепак новинарството не е на високо ниво и како никогаш досега има пропаганда и лажни вести. Претставувајќи ја програмата Чадиковски рече дека слободата на говорот и професионалното новинарство се двата столба „за кои нема да правиме компромис со никој и ништо“.
– Политичарите, особено кога се на власт секогаш имаат цел да го стават новинарството во некои рамки. тоа е можеби природна појава за политиката во Македонија, но многу природно и нормално ќе биде тоа да не им го дозволиме. Ни треба силна новинарска организација и професионално новинарство за да се соочиме со предизвиците – порача Чадиковски.
Новиот претседател на ЗНМ вети континуитет во политиките што се однесуваат на финансирање и на јавните пари, брзо донесување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, можеби следната недела или најдоцна до крајот на годината, јакнење на јавниот радио-дифузен сервис, за кој рече дека треба да биде столб на градење на стандардите на професионалното новинарство, а не на негово уривање. Вети и доволно фондови за дописничката мрежа, како и инстистирање да се воведе дописништво од сите поголеми градови во земјата, како и креирање нови модели во рамки на ЗНМ за истражувачко новинарство и за обучување на млади новинари истртажувачи.
Пред присутните се обрати и генералниот секретар на Европската федерација на новинари, Рикардо Гуитерез рече дека за реформите е потребно време и трпение.
– Бевме сведоци на времиња преполни со предизвици, за да се реализираат соодветните реформи потребно е трпение, посветеност, енергија, борба и солидарност, но исто така и време. Решавањето на проблемите и реформите бара трпение и посветеност, како и солидарност. Да запаметиме ние сме чувари на демократијата, мора константно да му служиме на јавниот интерес и треба да учествуваме во процесите за контрола на власта, владата опозицијата, работодавачите – рече Гутиерез и упати апел да продолжи оваа борба.