Советот на Град Скопје на денешната вонредна седница донесе Одлука за давање помош на настраданите од катастрофалниот земјотрес во Измир, во кој животот го загубија повеќе од 80, а повредени се над 900 лица.
– Со оваа одлука, како израз на солидарност за настраданите, Градот Скопје дава помош во износ од 3 милиони денари, износ што го доделуваме на сите градови за вакви и слични неприлики – се наведува во соопштението на градските власти.
Градоначалникот Петре Шилегов на седницата изјави дека Скопје знае што значи солидарност во време на природни катастрофи и затоа потребата да се помогне во неволја е нужна и неминовна.
Шилегов до градоначалникот на Измир, Тунч Сојер, упати длабоко сочувство за настраданите и му посака брзо санирање на штетите и враќање на животот во нормала.