Осум новозаразени лица од ковид-19 има денеска во Прилеп, со што бројот на
заразени достигна 46. Новите случаи на заразени од коронавирусот се од потврдени кластери и сега вирусот се шири локално, велат од Центарот за јавно здравје.

– Досега вкупно имаме околу 250 тестирања. Матичните лекари закажуваат од седум
до десет тестирања, другите се од Инфективното одделение, а во најголемиот дел се земаат брисеви во Центарот за јавно здравје. Дневно од 15 до 20 тестови се испраќаат во Скопје. Бидејќи вирусот локално се шири, значи дека не се почитуваат мерките. Секој да биде одговорен и да се заштитии себеси и другите – изјави м-р Драгица Николовска, директорка на ЦЈЗ од Прилеп.

Од прилепската болница велат дека во инфективното одделение има хоспитализирани
повеќе пациенти.

– Пет пациенти се позитивни на коронавирусот и се лекуваат. Четворица се на средна
возраст, еден е повозрасен пациент. Има и други четири лица кои се со покачена температура и респраторни симтоми, за кои се очекуваат резултатите од тестирањата. Кај нас од болницата едно лице е позитивно. Тоа е лекарот од инфективното одделение. Со оглед дека овој период се очекува зголемен број на пациенти за преглед во инфективното одделение, заради помалиот број инфектолози, денеска одлучивме од сабота да се вклучат пет лекари специјализанти и пет сестри од другите одделенија за да им помогнат на инфектолозите. Во инфективното одделение се врши тријажа на пациенти кои имаат различни симптоми, се зема епидемиолошка анкета и по сознанија на епидемиологот, ако не се болни од коронавирус се упатуваат на други одделенија. На ниво на болница одлучивме во просторот од физикалното одделение, да се сместуваат пациенти кои се сомнителни, а немаат тест за коронавирус, за да се преземат превентивните мерки – изјави денеска Драги Богојески, директор на прилепската болница.

Директорката на Здравствениот дом – Прилеп, Оливера Аџиоска посочи дека двата пункта за тестирање, од кои едниот ќе биде во населено место, се очекува да профункционираат.

– Зголемен е бројот на јавувања, дури и лажни, па затоа апелираат граѓаните да не го
злоупотребуваат нашиот број за итни повици – посочи Аџиоска.

Земјоделците во време на забрана за движење во викендот, посочи Зоран Пачешкоски од ПЕ на Министерството за здравство, ќе можат да обавуваат земјоделски активности во Прилеп без најави, додека другите кои имаат ниви во други населените места тоа ќе можат да го прават со дозволи претходно обезбедени.

Градоначалникот на општина Прилеп Илија Јованоски изјави дека овие два дена биле дезинфицирани сите улици низ градот, јавните површини и парковите. Најави дека ќе дежура една аптека во викендот, а четири – пет маркети ќе вршат достава на намирници во услови за време на забраната за движење од петок од 16 часот до понеделник во пет часот. Ќе се врши достава на намирници до возрасни лица, како и до социјално ранливите категории. Ка.М.