Тридневниот период на полициски час, во Кичево помина релативно мирно без нарушувања на јавниот ред и мир.

– Во изминатото деноноќие во Општина Кичево имаме пет нови лица во самоизолација, а во истиот тој период извршени се 12 контроли врз лицата кои се веќе во самоизолација. Во 64-те контроли извршени врз угостителски објекти во југозападниот дел од земјава, дел се и во објекти од општина Кичево. И во тој дел нема прекршувања, ниту неправилности кои се косат со препораките на Владата – информираа од СВР-Охрид.

Во изминатите три дена активни беа волонтерите на Црвениот крст, кои се погрижија старите лица да бидат снабдени со сите неопхпдни намирници и лекарства кои ги користат. Исто така и оние граѓани кои имаа потреба од одредени продукти, можеа да се снабдат преку телефон, бидејќи неколку маркети во градот работеа на овој принцип. И тие како и волонтерите на Црвениот крст порачките ги доставуваа на адреса на барателот.

– Имајќи го предвид фактот што сме на прагот на Велигденските празници и најверојатно четиридневен полициски час, уште денес граѓаните поитаа со што повеќе намирници да се снабдат за претстојниот голем празник, како не би дошле во ситуација во минута да дванаесет да го решаваат проблемот. Видлив е зголемен интензитет на потрошувачи, а тоа е навестување дека во наредните денови ќе имаме уште повеќе купувачи и поголема гужва пред нашиот маркет – истакнаа вработени во еден од најпрометните маркети во центарот на градот. З.А.