Крис Хопсон, извршен директор на „НХС провајдерс“, организацијата што ги претставува сопствениците на болниците, предупреди дека лондонските болници се соочуваат со континуирано цунами од пациенти со Ковид-19, пренесува „Ченл 4“ на Би-би-си.
 

Хопсон посочи дека болниците во изминатите недели седумкратно го зголемиле капацитетот за нега на критичните пациенти, но директорите се вознемирени од брзината со која се пополнуваат креветите во главниот град.

– Се борат со експлозија во побарувачката кај сериозно болните пациенти. Тие велат дека проблемот е во бројот на пациенти што пристигнуваат, брзината со која пристигнуваат и сериозноста на нивната состојба – вели тој.

Хопсон посочува дека проблемите се зголемени и поради намалениот персонал предизвикан од болест на здравствени работници, за кои постои сомнеж дека се заболени од Ковид-19, како и оној здравствен персонал кој припаѓа на најранливите групи, кои не доаѓаат на работа.

Во одредени болнички капацитети бројот на персоналот е намален за 30 до 50 отсто.

– Тие се борат со нагло зголемен број на сериозно болни пациенти. Ситуацијата ја опишуваат како континуирано цунами. Како што ми рече некој, тоа е многу поголем, побрз прилив на пациенти од што можеш да се замисли – изјави Хопсон.

Анализата на Универзитетот во Кембриџ проценува дека пет од седумте региони под капата на НХС ќе останат без легла во единиците за интензивна нега во рок од две недели. Според Центарот за ресурси за коронавирусот „Џон Хопкинс“, Велика Британија во моментов има 9.529 потврдени случаи на заразени со коронавирус и 465 смртни случаи.