Претседателот ги посети армиските единици и локалниот кризен штаб во Тетово

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги посети армиските единици во касарната „Кузман Јосифовски Питу“, во Тетово. Третиот пешадиски баталјон во рамки на оваа касарна е првата единица од којашто беа испратени војници во Дебар и во Центар Жупа, веднаш по прогласувањето на кризна состојба. Во разговор со одговорните во касарната, претседателот Пендаровски беше информиран за досегашните и тековните активности на припадниците на армијата при справување со пандемијата со вирусот ковид-19. Во изјавата за медиумите претседателот Пендаровски посочи дека денеска со армијата разговарале како да се подобри синхронизацијата со локалната самоуправа, во услови на вонредна состојба.

– Армиските единици, не само тука, туку било каде во државата кадешто има потреба ќе бидат ангажирани и се ангажирани на неколку задачи. Тие, освен контролата таму кадешто има потреба на влезно-излезните точки од општините, односно од градовите и населените места, учествуваат во поддршка на Министерството за внатрешни работи, во дистрибуцијата на храна и лекови до загрозените категории на население и, се разбира, со своите специјални единици учествуваат и во дезинфекција на јавни објекти или на јавни површини, на патишта и слично, бидејќи за тоа постојат ресурси во армијата, кои во оваа ситуација им се дадени на располагање и на општинските власти – истакна претседателот Пендаровски.

Во контекст на 30-те дена од вонредната состојба коишто завршуваат во текот на оваа недела, претседателот Пендаровски рече дека в четврток на пладне повторно ќе се одржи седница на Советот за безбедност.

Дополнително, како што посочи претседателот Пендаровски, доколку до него пристигне барање од Владата, сосема е извесно дека вонредната состојба ќе се продолжи за нови 30 дена.

– Според она што го знам до сега, тоа и јавноста го знае, тие информации се споделени со сите вас, нема никаква тајна, и не треба да има во однос на оваа пандемија, мислам дека се шансите извесни или големи да се прогласат нови 30 дена вонредна состојба, бидејќи и опкружувањето околу нас, ова е пандемија, оваа не е само кај нас проблем, меѓутоа и внатрешните состојби, кои не ескалираат, меѓутоа не се значително редуцирани се уште, побаруваат ваков тип на ангажман од сите надлежни институции и ваков тип на состојба – додаде претседателот Пендаровски.

При посетата на Тетово, претседателот Пендаровски беше брифиран и за работата на локалниот кризен штаб во Општина Тетово, којшто го сочинуваат доктори од неколку здравствени установи, претставници на тетовската полиција, на Црвениот Крст, на против пожарната служба, како и претставник на Центарот за управување со кризи. Заблагодарувајќи им се за безрезервниот ангажман, претседателот Пендаровски подвлече дека меѓусебната соработка резултира со солидарност и силна кохезија.

– Во оваа битка сме сите заедно и оваа битка ќе ја добиеме само ако работиме заедно. Никој од нас не може сам да одговори на овој предизвик. Знам дека е тешко и ментално и физички. Но мора да издржиме – им порача претседателот Пендаровски на членовите на тетовскиот кризен штаб.