Текстилните и кожарските фабрики на подрачјето на општина Штип не смеат да работат за време на претстојниот продолжен викенд, одлучи денеска Главниот координативен кризен штаб.
– Се забранува издавањето дозволи за работа за време на викенд за фабриките од текстилната и кожарската индустрија во подрачјето на општина Штип, односно истите ќе останат затворени – се вели во заклучокот на координативниот штаб.
За сите останати правни субјекти и економски оператори, маркети и доставувачи на храна во Штип продолжуваат да важат претходно издадените дозволи за движење за време на полициски час.
Во Штип, како и во Скопје, Тетово, Куманово и Липково, од вечерва во 21 часот ќе стапи на сила 80-часовен полициски час, како мерка против ширење на коронавирусот откако бројот на новозаболени достигна нов пик, посебно во овие делови од државата.