Во насока на ефикасно преземање превентивни мерки со цел заштита на здравјето на граѓаните, МВР ја информира јавноста дека за излез од државата можат да го користат граничниот премин кон Бугарија – Деве Баир, без ограничувања, како и граничниот премин Аеродром Скопје.
– Нашите граѓани можат да остварат влез во Република Северна Македонија само на граничните премини Табановце, Деве Баир, Богородица, Ќафасан, Блаце и Аеродром Скопје. Странските државјани кои доаѓаат од високо и средноризични земји не можат да влезат на ниту еден граничен премин, односно нивниот влез е забранет. Воедно, Министерството за внатрешни работи е активно вклучено во спровод и конвој на заглавените товарни возила во меѓуграничниот простор – соопшти МВР.
Министерството за внатрешни работи во изминатиот период асистираше на Државниот пазарен инспекторат во спроведување на одлуката на Владата за затворање на угостителските објекти и таа асистенција ќе продолжи и во следниот период. Во таа насока, во текот на вчерашното попладне СВР Скопје во координација со Државниот пазарен инспекторат презеде мерки за затворање на седум локали во северниот дел од Скопје кои не ја почитуваат одлуката на Владата.
МВР апелира до сите граѓани строго да се придржуваат до препорачаните мерки и насоки усвоени од Владата во врска со спречувањето на ширењето на коронавирусот (ковид-19), а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.