Приказни од самоизолациjа

Не ни треба пандемија за да сфатиме дека природата е сѐ што имаме

Последните многу години цело време сум во некој професионален турбоживот, немам застанато. Цело време си смислувам работа, освен оние тековни што ги имам. Моето темпо приближно беше вака: станувам, се туширам, пијам кафе. Пиејќи кафе, читам и пишувам на компјутер, нешто незавршено, нешто почнато. Тука се задржувам подолго време. Се подготвувам, излегувам.

Секој ден различно, некогаш имам состанок, некогаш проба, некогаш средба… Сабота и недела со исто темпо. Значи, речиси без слободен ден. Јадев кај ќе стигнам, што ќе најдам. Перење, чистење исто кога ќе стигнам доцна навечер. Речиси еден турбоживот, со секојдневни стресови, решавање професионални проблеми, убави работи, неубави… Ете, така некако накратко.

Е, сега малку сум во шок. Имам една тотална пауза. Сега станувам, пијам лимон. Не пијам кафе веќе речиси цел месец. Па, знаете ли јас од кога си немам зготвено нешто, ама баш ништо? Сите јадења научив да ги правам! Од кога немам спиено, од кога немам дремено, ништо да не правам. Моментално готвам, перам, чистам. Сѐ што вклучува домаќинлак, оти тоа не сум го правела никогаш, и, ете, тоа ми е сега интересно. Размислувам, многу размислувам за моите вистински пријатели, соработници.

Конечно имам време да сфатам кои ми се најблиските, да се преиспитам самата себеси, да почнам да си ги сакам работите кај себе, да најдам начин како да бидам посмирена. Но ова е една фаза што ќе помине, ова е нешто што нема долго да ме држи будна. Имам идеи што ги разработувам во глава за моменталната ситуација, ќе му дојде времето и на тоа да го разработам. Да се ставам во акција. Имам и недовршени проекти, кои треба да се завршат, во живо, не од дома.

Инаку, по ситуацијава, да не се занесуваме дека луѓето значително ќе се променат. Ништо нема да се промени. Тие што се добри, ќе си останат добри. Тие што се професионални, ќе останат за цел живот такви. Ним не им треба пандемија за да сфатат некои работи. На некои луѓе не им треба пандемија за да сфатат дека природата е сѐ што имаме. Тие што се свесни, можеби ќе станат подобри, а тие што се лоши ќе станат повеќе себични. Но која е крајната цел? Не е работата да станеме подобри за другите, станете прво подобри за себе. Ете, на тоа размислувајте.