Приказни од самоизолациjа

Да го прифаќаме животот ден по ден

По природа сум битие склоно кон рутина. Но често знам да се бунтувам кога таа ми е наметната. Така е и во овој случај. Самоизолацијата ми наметна рутина што мора да се следи, бидејќи последиците во спротивно се ужасни. Затоа комплетно решив да ја прифатам, со затишена потреба за бунт (која обично знае бурно да се јави). Мојата работа се состои од две фази најчесто – работа со луѓе (самото фотографирање, како и часовите по фотографија) и работа сама со себе (ретуширање и уредување на фотографиите, подготвувањето на предавањата).

Но решив да ги спојам тие два аспекта во еден, кој може да функционира од удобноста на мојот дом и без никакви непотребни контакти со луѓе. Сега учам и се надградувам како уметник и фотограф, предавањата ги држам онлајн со моите студенти и преостанатото „работно“ време го користам за фотографирање и уредување автопортрети како некаков вид креативна терапија.
Што се однесува до слободното време, се трудам да имам некоја рутина и таму.

Вежбањето ми е веќе секојдневно, а кујната никогаш не ми фаќала прашина, па така е и сега. Најголемата разлика ја забележувам во тоа што имам повеќе време за читање, како и во тоа што имам огромен недостиг од личен контакт со други луѓе. Но се надевам дека и тоа наскоро ќе помине и ќе можам да си ги видам и гушнам саканите. Во овие моменти на комплетна несигурност во иднината најдоброто нешто што може да го направиме е да го прифаќаме животот ден по ден.