И покрај тоа што речиси целиот документиран пренос на коронавирус се случил во затворен простор, експертите велат дека е оправдано носење на маска и на отворено, бидејќи и таму постои мал ризик од инфекција.
Ова првенствено се однесува на настани каде што луѓето стојат блиску еден до друг и зборуваат подолго време, како што се политички митинзи или забави на отворено.
Од почетокот на пандемијата, научните студии докажаа дека вирусот се пренесува во ресторани, домови, фабрики, канцеларии, конференции, возови и авиони.
Во студија спроведена на 25.000 случаи, која сè уште не е рецензирана, приближно шест проценти од случаите се поврзани со инфекција на отворено, како што се спортски настани или концерти.
Станува збор за области каде што физичкото растојание не се почитувало или каде што луѓето престојувале некое време и се движеле наоколу зборувајќи или пеејќи гласно.
– Ние не идентификувавме буквално ниту еден случај што би го поврзале со таканаречениот секојдневен живот на отворено – рече авторот на студијата Мајк Вид, професор на Универзитетот во Кантербери.
– За истите активности и истата оддалеченост, надворешниот простор е многу побезбеден од внатрешниот, затворениот простор – се наведува во студијата, во која учествувале група научници од американски, британски и германски универзитети.
– Ризикот од пренесување е значително помал на отворено, затоа што ослободените вируси се разредуваат побрзо во атмосферата – напишаа научниците, споредувајќи го вирусот со чадот од цигари.
Најмалите честички што вирусот може да ги пренесе – аеросолите, можат да лебдат во воздухот неколку минути или часови, во зависност од воздухот на просторот. Акумулацијата на овие честички е можна во просторија со слаба вентилација. Тоа е, на пример, исто така можно во тесен простор помеѓу две згради каде што нема циркулација на воздухот.
– Колкава количина аеросол е потребен за инфекцијата не е познато, но колку е поголема количината, толку е поголема веројатноста за инфекција – вели Стив Елеџ, генетичар и експерт за вируси на Харвард.
Времето поминато во близина на заразено лице е клучен фактор. Една секунда на тротоарот не е доволна за да се зарази, потребно е веројатно барем неколку минути.
Во теорија, инфекцијата е можна и со разминување на луѓето на отворено.
– Нема докази дека коронавирусот се пренесува од луѓе кои поминуваат на отворено – заклучува групата научници, но во теорија тоа е исто така е можно.
– Кога ќе поминеме покрај луѓе, можно е да собереме малку од нивното издишување. Ризикот е многу мал, но од принципот на претпазливост, маската не може да штети – изјави Линзи Мар, експерт за пренос на вируси на аеросоли, на Универзитетот „Вирџинија тех“.
Постојат премногу варијабли за да може точно да се пресмета колкав е ризикот од инфекција на тротоарот или во паркот. Тоа зависи од ветерот, но и од сончевите ултравиолетови зраци кои го деактивираат вирусот.
Сите индикации се дека ризикот е мал, но маските сепак се најефикасна безбедносна стратегија.
– Случаен минувач на тротоарот може да кивне токму во моментот додека се разминува со вас – пластично објаснува Кристал Полит, професор по епидемиологија на Јеил.