Во периодот од 11 до 17 јули, во Грција се регистрирани 148.435 случаи на ковид-19, од кои 18 отсто се реинфекции, починаа 200 лица, а 115 се приклучени на апарати, се наведува во седмичниот извештај на Националната организација за јавно здравје за ситуацијата со пандемијата во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.
Вкупниот број 148.435 потврдени случаи во изминатите седум дена се од 954.188 направени тестови, а стапката на позитивност е 15,56 отсто.
Регистрирани се 200 смртни случаи од ковид-19, 15 проценти повеќе во споредба со една седмица претходно.
Во грчките болници во конкретниот период биле примени 2.540, а отпуштени 2.097 пациенти, додека пак вкупно 115 лица се приклучени на апарати на одделите за интензивна нега во грчките болници.
Од почетокот на пандемијата во Грција се потврдени 4.210.771 случаи на ковид-19, а починаа 30.707 лица.
Националната организација за јавно здравје на Грција, наместо дневни, како што беше пракса досега, од минатата седмица, објавува седмични извештаи за ситуацијата со ковид-19 во земјата.