Јасир Баталви

Многумина се прашуваат како ќе изгледа примањето на новата вакцина против ковид-19, откако почна вакцинацијата во Велика Британија. Дали ќе биде како вакцината против грипот? Дали ќе биде повеќе болно? И какви се можните нуспојави? Тоа се најчестите прашања поврзани со вакцинацијата, за која се потребни две дози кои се примаат во рок од неколку недели, пишува Си-ен-ен.

Начинот на кој функционираат т.н. мРНА вакцини (какви што се оние на „Фајзер“ и на „Модерна“) е преку давање инструкции на телото во форма на информациона РНК (информациона рибонуклеинска киселина), за создавање на мал дел од овој вид на коронавирус (САРС-ЦоВ-2), а особено на шилестиот протеин. Кога телото ги добива инструкциите, тоа почнува со создавање на шилестиот протеин. Овој процес пак, потоа го поттикнува имунолошкиот систем, кој го препознава протеинот како „страно тело“, да создаде антитела против него. Па во случај на инфекција со вистинскиот вирус, телото е подготвено за борба против него.

Еден од учесниците во испитувањата на вакцината на „Модерна“ вели дека вакцинацијата „дефинитивно не е прошетка низ паркот“, алудирајќи оти не е едноставна. Но истакнува дека со сигурност би се вакцинирал повторно. Станува збор за 24-годишниот студент Јасир Баталви, кој живее во близина на Бостон.
 
– Се чуствував толку беспомошно. Оваа пандемија навистина значително ги погоди нашите животи.  Се пријавив бидејќи сакав да сторам се што можам – вели Баталви. 

Тој бил нервозен кога ја примал вакцината, особено откако потпишал формулар за согласност на 22 страници.

 – Самото инјектирање првично имаше чувство исто како да станува за вакцинација против грип, што всушност претставува мало пецкање на рамото. Кога ја напуштив болницата, таа вечер, вкочанетоста на местото на вакцината малку се влоши. Можев да го поднесам тоа, но имате чувство дека не сакате да ја движите раката над рамото. Таквите нуспојави се локализирани. Станува збор само за мускулот. И толку е. Нема други ефекти и се чувствувате добро – објаснува Баталви.

Такво било чувството по првата доза, кое се разликувало од чувството по втората.

 – Всушност имав значителни симптоми откако ја примив втората доза. Ми беше добро додека бев во болницата. Но вечерта беше тешка. Добив слаба треска, а чувствував и замор и студ – посочува студентот, додавајќи оти се чувствувал добро веќе следното утро.

Баталви им кажал и на докторите за неговите симптоми, по што тие не биле загрижени и му рекле дека ниту тој не треба да биде загрижен. Експертите велат и дека чувствувањето на одредени нуспојави не се должи на вакцината, туку претставува знак оти телото реагира на потребниот начин, како и дека тоа не треба да одврати никој од вакцинацијата, или пак од втората доза.