Азербејџанската влада објави дека повторно ќе го воведе карантинот на населението по скокот на бројот на заболени од коронавирус, помалку од три недели по ублажувањето на мерките воведени против ширењето вирусот.

– Строг карантински режим ќе биде воспоставен до 1 август, почнувајќи од недела, во Баку и во другите поголеми градови – се вели во соопштението на владата.

Владата истакна дека жителите на големите градови, вклучувајќи го и главниот град Баку, ќе можат да ги напуштат своите домови само со посебна дозвола.

Трговските центри, кината, рестораните и кафулињата, музеите и салоните за убавина во овие градови, кои беа отворени на 31 мај, повторно ќе бидат затворени.

Азербејџан воведе карантин на 24 март и го продолжи неколку пати.

Од почетокот на јуни, бројот на заразени со коронавирус во Азербејџан, кој има околу 10 милиони жители, е двојно зголемен. Досега се потврдени 11.329 заразени и 139 смртни случаи.

Вонредна состојба беше воведена во март, a повеќето ограничувања беа укинати на 31 мај.

Претседателот Илхам Алијев призна дека олеснувањето на мерките довело до зголемување на бројот на новозаразени и рече дека ситуацијата е целосно под контрола.