ФИЛМ+РЕЦЕНЗИЈА+РЕПЕРТОАР

Пишува: Кирил Дончов

Комерцијално успешните филмски дела секогаш мора да се бранат од својот успех. Навикнати на холивудските блокбастери, а во последно време и на новиот суперхеројски жанр, нормално е филм од калибарот на „Дина“ („Dune“) да го гледаме низ таа призма. Тоа значи дека апологијата за филмот мора да оди, не само и низ аспектот на тоа колку е популарен, колку е комерцијално успешен, туку и колку е сличен со филмовите од неговиот жанр и поджанр. Последниот обид на Холивуд да се коментира себеси преку блокбастер е „Џокер“, филмот кој пред две години стана анти-суперхеројскиот филм преку кого конечно се доби одговор на суперхеројскиот жанр.
„Дина“ на режисерот Денис Вилнев е современ научно-фантастичен филм со силни елементи на вселенска опера, каде комплексниот фиктивен универзум и неговата комплексна структура на ликови и приказни, се испреплетуваат во една метанарација во која централно место зазема зачинот – Меланж, кој единствено може да се најде на планетата „Аракис“. На пустинската планета што во одредено време е контролирана од една од силните фамилии, кои се дел од неофеудалната футуристичка верзија на историската империја што се нарекува „Империум“.

Човештвото во „Дина“ запрело со технологијата, машинството и компјутеризацијата, работи кои другите научно-фантастични дела ги имаат во себе  и се свртело кон вселената на еден мошне автентичен начин, каде што преку веќе постоечките историски форми ја проектирало историјата и културната разновидност на планетата Земја низ целата вселена. Главната улога ја игра Тимоти Шаламе, кој во филмот е Пол Артретис, специфична фигура која се смета за избавител на угнетуваните, неговата мајка Лејди Џесика (Ребека Фергусон) и татко му Лето Артретис (Оскар Исак).

Кон „Дина“, режиjа: Денис Вилнев, улоги: Тимоти Шаламе, Ребека Фергусон, Оскар Исак, Зендеjа, Џош Бролин, Хавиер Бардем, фотографиjа: Грег Фреjзер, музика: Ханс Зимер, САД/Канада 2021

Изведбата на Вилнев дава уникатен печат на епохалната приказна, во која на мотивите од романот им е даден и еден современ коментар, што суптилно се провејува низ целиот филм кој визуелно и звучно се истакнува како ремек-дело на 2021 година.
За да го разбереме „Дина“ мораме да тргнеме од неговата повеќеслојност. Таа се манифестира во делото преку религиски, политички, филозофски, еколошки и социолошки лајтмотиви, кои доколку потполно не се разглобат нема да можеме да сфатиме како сите тие се вкрстуваат во централната приказна на филмот. Евидентна метафора низ целата приказна е политичкото уредување. Создадена во пикот на Студената војна, новелата на Френк Херберт, на која е базирано ова филмско остварување, нужно покренува многу од тогашните општествени дилеми.

Политичките лидери од времето на Студената војна и целосната морална криза која го зафаќа општеството, ги тера авторите на научната-фантастика да бараат алтернативни уредувања и решенија кои ги проектираат во иднината, или метафорично преку иднината ја коментираат сегашноста. Политичката димензија се остварува преку ликовите, кои во случајов се доминантни неофеудални семејства и династии што ја имаат населено целата галаксија. Типичната борба за превласт и доминација врз одредени ресурси доминира низ конфликтните линии на фамилиите. Во време кога неофеудалните или феудалните тематики се сè уште свежи преку епското дело на Г.Р.Р. Мартин – „Игра на тронови“, „Дина“ уште еднаш покажува дека средновековниот феудален систем е добра основа за градење современи приказни на политичка интрига и борба.

Последниот аспект на „Дина“ што сакам да го претставам, е неговата тежина како уметничко дело, зашто колку и да ги анализираме теориите на фановите,  комплексноста на темите и разврските во самата приказна, мора да се соочиме дека кога влегуваме во киносалата ние го гледаме „Дина“ – Филмот. Мистичната аура на „Дина“ за еден филмаџија е тоа, дека преку ваква приказна тој се надминува себеси или најдиректно кажано – „Дина“ e обид да се филмува она што не може да биде филмувано. Секој обид оваа приказна да се претстави на големото платно, носи доза на епика само по себе, не како приказна, туку во обидот таа да се филмува.

Најпознатиот пример за тоа е обидот на познатиот режисер Алехандро Јодоровски, чија верзија на ова дело се смета за најдобриот филм што никогаш не е направен, кој во себе би ги вклучил сите најзвучни имиња од светот на филмот во 1970-тите години.
Вилнев е мајстор во својата класа зошто успева нефилмично дело да издигне во ремек-дело. За тоа како „Дина“ ја има во себе таа нефилмичност, вреди да се видат и претходните обиди за ова да се преточи во филм. Најпознатата остварена верзија е онаа на Дејвид Линч од 1984 година. Вo очите на историјата на „Дина“, делото на Вилнев никогаш не би можело да го избегне багажот што тоа име го носи, но тој прави навистина посебна работа, целиот багаж го превртува на глава и создава новина во филмската индустрија, со тоа што филмува навидум нефилмично дело. Што го прави овој потфат толку комплексен?  Едноставно, некои дела не ги имаат исполнето условите за да станат филмови, но „Дина“ конечно ја дочека својата ера, каде што буџетски, технички и уметнички може да заблеска со целиот сјај.


,,Нова Македонија“ не одговара за содржините во прилогот ,,Филм +“. Одговорноста за содржините и за изнесените ставови во текстовите е на редакцијата на ,,Филм +“, која е надворешен соработник на ,,Нова Македонија“.