Коментар

Не знаевме до каде Агенцијата за филм може да биде заробена и да се претвори во своја спротивност, па наместо да ги движи работите напред,
сега оваа институција стана пародија сама на себе

Пишува: Сунчица Уневска

Заробена држава. Така зборувавме порано, барајќи начин како да се ослободиме од режимот, заборавајќи дека и заробеноста можела да биде степенувана. Сметавме дека да се каже заробен е доволно лошо, доволно зборува за тоа дека ја губите слободата и можностите, дека може потполно да бидете игнорирани, дека е можно уште повеќе да ги загубите условите за работа, дека е можно да сте потполно обезвреднети и осиромашени (во секој поглед). Затоа и не би помислиле дека може да биде полошо, односно дека сите тие граници се ратсегливи, ама за жал, надолу, и под дното да ти имало дно.

Интересно е дека кога станува збор за состојбата во Македонија, многумина, а особено апологетите на власт, кој гледате и тука можело да ги има уште повеќе, со згрозување ќе го одбијат тоа. А уште поинтересно е дека токму пред некој ден можевме да прочитаме дека гарнитурата на власт предводена од Заев донела ослободување??? Навистина е неверојатно до каде може да оди човечкиот ум, и до каде можат медиумите да немаат срам во поддржувањето на оние од кои веројатно имаат интерес. Бидејќи, состојбата со медиумите и претходно беше лоша, но сега е уште полоша, имено, не само што не се ослободија, туку потполно ги снема. Впрочем и што очекуваме од една држава во која нема медиуми. Тие се првиот степен кој зборува за слобода и интегритет. Нашето новинарство не е само на колена, туку и таму да ти имало степенување.

Човек доаѓа до ситуација да се срами заради другите, особено кога ќе прочитате што пишуваат медиумите и на кој начин ги фалат оние што за само четири години сето зло го зголемија десет пати. Не може човек, а да не се потсети на некои поранешни небулози, но тогаш имаше новинари кои тие прашања сериозно ги поставуваа. Сè уште се сеќавам кога на времето, на Љубчо Георгиевски, кој гледаше сè розово иако државата беше во катастрофална состојба, новинарите отворено, јасно и гласно, му порачаа да ги извади розовите очила и да излезе надвор да погледне околу себе. Сега, за жал, дојдовме до ситуација тоа да им го препорачаме не само на оние што се на власт, туку и на новинарите??? Тогаш за каква држава и за каква слобода зборуваме овде?

Инаку, воведот, се разбира ова е филмско списание, првенствено се однесува на состојбата со филмот и со Агенцијата за филм. И тоа не знаевме до каде Агенцијата за филм може да биде заробена и да се претвори во своја спротивност, па наместо да ги движи работите напред (особено со оглед на тоа колку беа гласни за претходната работа на истата Агенција), сега оваа институција се претвори во пародија сама на себе. Да, навистина моите зборови се многу силни, но издржани за оние кои сакаат да видат и кои не се плашат за тоа да зборуваат.

Агенцијата за филм нема никаква смисла, барем не оваа Агенција, која нема мерка до каде оди во небулозите. Агенцијата за филм требаше да го развива македонскиот филм во секој сегмент и да му овозможи видливост и вмрежување, да им овозможи на македонските автори и нивните филмови што поголема презентација на фестивалите. Но, ние, на најголемата можност што ѝ се пружи на Македонија, да биде официјално во Кан, одговоривме како секоја сирота, неизживеана земја во која сите ојлевци и дојлевци кои начекаа можност се прошетаа таму, бидејќи тоа е поим за нив, и секако ги прошетаа и своите жени, деца, љубовници…

Колку смешна земја сме ние. Агенцијата за филм и претходно правеше глупости и даваше пари на своите пулени, но по нешто добиваа и другите, за жал, не знаевме дека можело да биде и полошо, дека сега ќе добиваат само едни те исти и целото оро во филмот ќе зависи од една шака искомплексирани филмаџии, кои на друг начин и не можат да се докажат. Сега сè е водено од еден центар, кој како божем има оправдувања во висината на буџетот и што уште не, а особено е интересно дека се вадат на тоа како „малите“ пари од Агенцијата требале да бидат најпрво за продукција.

А токму тие немаат филм по кој ќе се паметат и самите не знаат што да прават со таа продукција. Затоа смислуваат триста други „манифестации“ со кои ќе земат пари и чие, дури и оправдано одбележување, го претвораат во фарса. Но, затоа Агенцијата ја научи праксата од навидум претходниот директор Тозија, кој и понатаму го води орото, и само се фалат со сè и сешто, припишувајќи си ги на себе сите успеси уште откако дојдоа на власт, но паметењето не е толку кратко, барем не кај сите. А историјата е безмилосна, ги памти сите факти колку и да сака некој тоа да го игнорира.


,,Нова Македонија“ не одговара за содржините во прилогот ,,Филм +“. Одговорноста за содржините и за изнесените ставови во текстовите е на редакцијата на ,,Филм +“, која е надворешен соработник на ,,Нова Македонија“.