Фото: Пиксабеј

Превенција со здрава исхрана, лекови за висок крвен притисок, холестерол, добра глукорегулација и физичка активност можат да спречат коронарната артериска болест и да се намали ризикот од компликации

Автор: Д-р Бетим Даути, интернист, кардиолог

Артериска хипертензија (ХТА) се дефинира како состојба кога систолниот крвен притисок е поголем од 140 милиметри живин столб, а дијастолниот е повисок од 90 милиметри живин столб базирано на просек од две или повеќе измерени вредности, при две или повеќе посети на лекарот.

Висок крвен притисок е независен предиспонирачки фактор за развој на коронарна артериска болест, срцева слабост, мозочен удар, периферна артериска болест, ренално оштетување и значаен ризичен фактор за кардиоваскуларен морталитет и морбидитет.

Од епидемиолошки аспект, ризикот од кардиоваскуларен морталитет се удвојува за секои 20 милиметри живин столб систолен и 10 милиметри живин столб дијастолен крвен притисок од оснвната вредност од 115/75.

На високиот крвен притисок секоја година му се припишуваат 7,6 милиони од смртните случаи (13,5 отсто). Во исто време со него се поврзуваат 47 проценти од случаите со коронарна артериска болест и 54 проценти од оние со мозочен удар.

Коронарната артериска болест  (КАБ) е најчестата причина за инвалидитет или прерана смрт на луѓето во работоспособна возраст. Околу 50-70 отсто од починатите од кардиоваскуларни заболувања отпаѓа на КАБ. Ризикот се зголемува со возраста, пушењето, високи нивоа на холестерол, дијабетесот, висок крвен притисок и генетска поврзаност.

Дијагноза на КАБ

– ЕКГ
– Лабораториски анализи
– Ехокардиографија
– КСТ
– Селективна коронарографија – со помош на контрастно сретство во коронарните артерии се визуелизираат стеснувања или запушувања на коронарните артерии.

Третман на ХТА

Промена на животните навики: намалено внесување сол (под 5 грама на ден), редовна аеробна физичка активност, умерено консумирање алкохол, прекинување на пушењето, одржување нормална телесна тежина. Сето ова може да го намали крвниот притисок и да го редуцира кардиоваскуларниот ризик.

Навремена медикаментозна терапија. Повеќето од оние со хипертензија, сепак, имаат потреба од медикаментозна терапија. Терапијата нема за цел само достигнување на посакуваната целна вредност на крвниот притисок туку и намалување на вкупниот кардиоваскуларен ризик и спречување на оштетувањето на органите врзано со хипертензијата

Третман на КАБ

Во зависност од симптомите и ризикот, третманот може да биде со лекови, перкутана коронарна интервенција (ангиопластика) или коронарна артериска бајпас хирургија (CABG)

Превенција со здрава исхрана, лекови за висок крвен притисок, холестерол, добра глукорегулација и физичка активност можат да го спречат KAБ и да се намали ризикот од компликации.