Илустрација: Пиксабеј

Кина го одби американското барање за телефонски разговор меѓу американскиот и кинескиот министер за одбрана, Лојд Остин и Веи Фенг, изјави денеска портпаролот на Пентагон, генерал Патрик Рајдер. Пентагон поднесе барање за повик во саботата, веднаш откако собори кинески балон осомничен за шпионирање на брегот на Јужна Каролина.

-За жал, Кина го одби нашето барање. Нашата посветеност на отворени линии на комуникација ќе продолжи- рече Рајдер.

Во саботата, САД соборија наводен кинески шпионски балон кој леташе над американската територија неколку дена.

Пентагон во четвртокот соопшти дека американската војска открила кинески балон за набљудување на голема височина над континенталниот дел на САД.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи во петокот изјави дека балонот бил цивилен и се користи за метеоролошки и други научни цели и дека непланирано скршнал од предвидениот курс.

Инаку, Соединетите Американски Држави одржаа брифинзи во Вашингтон и Пекинг со странски дипломати од 40 земји за „кинески шпионски балон“ кој навлезе во воздушниот простор на САД кон крајот на јануари, открија високи претставници на администрацијата и дипломати.

Американскиот заменик државен секретар Венди Шерман информираше речиси 150 странски дипломати во 40 амбасади, рече официјалниот претставник, додека во Пекинг американската амбасада собра странски дипломати во понеделникот и вторникот за да ги презентира американските наоди за балонот.

Појавата на кинески шпионски балон над САД минатата недела предизвика политички гнев во Вашингтон и го натера американскиот државен секретар Ентони Блинкен да го откаже патувањето во Пекинг за кое двете земји се надеваа дека ќе ги поправат нивните нарушени односи.

Кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека се работи за метеоролошки балон кој скренал од курсот и ги обвини САД за претерана реакција.

Стејт департментот, исто така, испрати информации за инцидентот со балон до американските мисии во светот за да ги сподели со сојузниците и партнерите, додаде официјалниот претставник.

На брифинзите во Пекинг, Соединетите Американски Држави презентираа информации за да покажат дека балонот, кој навлезе во воздушниот простор на САД во последните денови од јануари и прелета над американските воени локации, не беше балон за истражување на временските услови како што посочува Пекинг, туку воздушен брод што користи за шпионажа, изјавија дипломати во Пекинг.

Дипломатите на брифингот во Пекинг рекоа дека им било кажано дека соларните панели на балонот значат дека му треба повеќе енергија од метеоролошкиот балон и дека неговиот пат на летот не е синхронизиран со природните шеми на ветерот. Американските власти соопштија дека балонот бил опремен со кормила и пропелери.