Премиерот Оливер Спасовски, во писмо до монсињор Киро Стојанов, бискуп скопски и апостолски егзарх на Католичката црква во Македонија, нему и на верниците од католичката вероисповед им го честиташе големиот христијански празник Велигден.

Спасовски во писмото вели дека годинава еден од најсветлите празници го славиме во изолација како подвиг на секој од нас пред искушенијата кои на светско ниво ги донесе пандемијата на коронавирусот.

– Овој празник го означува крајот на патувањето низ страдањата Христови. Од нас годинава се очекува да понесеме саможртва за доброто на сите, овие денови да ги славиме во изолација за да се заштитиме себеси и ближните. Во мирот и спокојството на домот да ја победиме смртта и да преминеме во нова иднина.

Со воскреснувањето на Исус Христос, се случи нешто навистина ново, нешто што ја промени состојбата на човештвото и светот и стана сила на надеж за победа над сите човечки ситуации на страдање и неправда.

Годинава се соочуваме со непознат и моќен непријател, кој ги искушува нашиот и животите на нашите блиски. Но, уверен сум дека од празникот со кој ја славиме победата над смртта сите ќе излеземе посилни и подобри.

Христос воскресна! Навистина воскресна! Останете дома! – стои во честитката која претседателот на Владата ја упати до сите верници на Римокатоличката Црква по повод Велигден.