Најавеното присуство на државниот секретар на САД Мајк Помпео и на Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, на тајновитиот состанок на групата Билдерберг што се одржува во Монтро, Швајцарија (почна вчера, а ќе трае до недела), ќе поттикне бројни теории на заговор и ќе предизвика реакции во американската јавност, пишува „Вашингтон пост“.

Учеството на клучните луѓе на администрацијата на Трамп би можело да предизвика критики од тие кои ги гледаат ваквите состаноци како озлогласени собири на светската елита. Заговорниците на разни теории, меѓу кои има и поддржувачи на Трамп, имаат негативен став за собирите на групата Билдерберг.

Радио-водителот Алекс Џонс, кој го интервјуираше Трамп во 2015 година, тврдеше дека Гугл ја „планирал и покренал“ арапската пролет на еден состанок на групата Билдерберг.

– Тоа се моќни корпоративни групации, над националните влади, кои манипулираат – кажа Џонс.

Луѓето што присуствувале на таквите состаноци истакнуваат дека нивната агенда нема никаква поврзаност со теориите на заговор, туку дека станува збор за форум за отворена дискусија. Но, долгото минато на Билдерберг исполнето со тајновитост, како и гостите од светската елита, го прават овој настан невообичаен. 

Меѓу темите на годинашниот состанок се наведени „Русија“, „Кина“, „брегзит“, „климатските промени“, но не и ситуацијата во Иран, која е главна тема на посетата на Помпео во Европа.