Политико

Поддржувачите на европскиот проект сакаат да дискутираат за суштинскиот збир на „европски вредности“ врз кои тој се заснова. Во период кога ЕУ се соочува со внатрешни и надворешни закани, ваквата идеја е особено атрактивна за дискусија. Таа ја издигнува ЕУ од еден ентитет кој само ги спроведува своите интереси, како и секоја друга држава или група на држави, и ја претвора во „нормативна сила“ за која веродостојно може да се каже дека го прави светот подобро место за живеење.

На луѓето кои зборуваат за „европските вредности“ не им паѓа на памет дека ваквата идеја е малку хантингтоновска. Според неа, меѓународната политика претставува „судир на цивилизации“ во кој постојат поделби според културата. Но дали „европските вредности“ постојат во каква било значајна смисла? Тие би требало да бидат вредности кои од една страна ќе ги обединуваат Европејците, а од друга страна треба да се различни од вредностите на народите што живеат во другите делови од светот.

Постојат одредени апстрактни универзални вредности кои се заеднички за целиот свет. Дури може да постои термин „западни вредности“ (иако ова претставува цивилизациска идеја). Но кога треба попрецизно да се истакнат само „европските“ вредности, разликите во самата Европа, односно меѓу Европејците, стануваат толку очигледни како и воедно разликите меѓу Европа и останатиот дел од светот.

Кога луѓето зборуваат за „европските вредности“ обично комбинираат две нешта. Првото е низа на вредности во кои Европејците колективно веруваат, а второто е низа на вредности кои се вкоренети во институционалните структури и политиките на ЕУ, поточно вредностите на ЕУ. Далеку е од очигледно дека двете нешта одат заедно.
Европејците можеби колективно веруваат во демократијата. Но покрај очигледното, дека тие не се единствените, сепак, тешко е да се потврди дека демократијата е само „европска“ вредност, бидејќи една од главните критики упатени кон ЕУ е дека таа е недемократска.

За да има значење идејата за „европските вредности“, Европејците мораат на некој начин заеднички да ги почитуваат, за да не бидат само една обична реторика. Поинаку кажано, Европејците мораат да живеат според овие вредности наместо само да ги пропагираат.

Договорот за создавање на ЕУ тврди дека таа „е основана врз вредностите за почит кон човековото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и човековите права“. Но, блокот е прилично недоследен во промовирањето на овие вредности надвор од неговите граници.

Во секој случај ЕУ промовираше демократија, човекови права и владеење на правото во нејзиното соседство додека се прошируваше. Но дали ЕУ промовира демократија и го брани човечкото достоинство кога склучува договори со авторитарни режими и ги враќа бегалците во небезбедните земји или дозволува да загинат во Средоземното Море?

Вредноста која најмногу може да се нарече „европска“ е владеењето на правото. Сепак, ЕУ не е ништо друго освен збир на правила, а креирањето на правилата е она што ЕУ го прави. Сепак и ова претставува проблем.

Покрај вообичаената реторика, ЕУ не презема многу мерки за да се почитува меѓународното владеење на правото надвор од нејзините граници. За една од главните закани по меѓународното владеење на правото, како што е присвојувањето и обединувањето на островите во Источното и Јужното Кинеско Море од страна на Кина, ЕУ зборува за „принципиелна неутралност“, но генерално во пракса не е така. Франција одамна бара од ЕУ да спроведе операции за слободна навигација, поточно да го исполни тоа што го ветува, но не наиде на поддршка. Во меѓувреме, Обединетото Кралство, во кое тече процесот за излез од ЕУ, и САД всушност преземаат чекори за да го поддржат владеењето на правото во Азија.

Брисел се повика на идејата за „европските вредности“ за да ги оправда силните мерки против Полска и Унгарија затоа што го прекршија домашното владеење на правото. Проблемот е што ЕУ претходно ја користеше истата реторика за да ги спроведе фискалните правила во еврозоната, како и задолжителните квоти за прием на бегалци и на тој начин сама си го наруши угледот.

Се покажа дека инсистирањето на правилата од страна на ЕУ не е европска идеја, туку германска. Ова е причината за повеќето внатрешни проблеми во ЕУ.

Повеќето од внатрешните конфликти во ЕУ се должат на отпорот кон правилата кои се чини дека Берлин ги наметнува, како и на поткопувањето на суверенитетот на членките. Ова стана очигледно за време на евро-кризата што е видливо од борбата меѓу германскиот пристап кој се базира на правила и на францускиот и претежно јужниот пристап кои се базираат на дискреција.

Во пракса, дури и владеењето на правото подеднакво ги дели Европејците колку што и ги обединува. Можеби се работи за вредност во која многу „про-Европејци“ веруваат, но не значи дека претставува посебна „европска вредност“, а како и со сите други „европски вредности“, не значи дека сите Европејци ја поддржуваат.

Подготвила: Билјана Здравковска