Економската преобразба и технолошкото издигнување на азиските општества во последните шеесетина години, поттикна многумина политиколози и економисти да размислуваат за 21 век, како за „азиски век“ – концепт кој подразбира глобална доминантна улога на Азија, а особено на индопацифичкиот регион.  Азија има се поголем удел во светската економија, популацијата, сообраќајот, ресурсите и сл.  „Светскиот економски форум“ предвидува дека до 2040-та година, Азија ќе создава повеќе од 50 отсто од светскиот БДП.

Но, дебатите не се водат само за азиската економската доминација, туку и за глобализација и надмоќност на азиските културно-политички вредности. Неколку азиски лидери, уште пред издигнувањето на Кина во регионален лидер, беа промотори на азиските вредности. Меѓу првите беше поранешниот малезиски премиер Махатир Мохамед и еден од главните двигатели на преродбата на Малезија. Тој во 1996 година, пред европските политичари тврдеше дека -Азиските вредности се универзални вредности. Европските вредности се европски вредности.-

Ли Куан Ју, таткото на модерниот Сингапур и еден од творците на т.н. државен капитализам, како премиер во текот на неколку децении беше поборник на азиските вредности. Тој отворено се спротивстави на западните вредности истакнувајќи дека на Сингапур повеќе му одговара авторитаризмот отколку демократијата. Ли Куан Ју ја прифати неизбежноста на науката и развојот на технологијата, но го отфрли концептот за „вестернизација“ на сингапурското општество.

Ли Куан Ју

Концептот за 21 век, како „азиски век“ има свои критичари, а меѓу нив е Мајкл Ауслин. Според овој американски истражувач, слабостите на регионот со децении биле игнорирани од страна на оние кои биле сигурни дека Кина ќе доминира во светот и дека регионот ќе започне да манифестира заедничко чувство за азиски вредност. Ауслин забележува и дека во последниве години, кинескиот извоз се намалува во САД и остатокот во светот, а во меѓувреме повеќе големи корпорации, како „Гугл“ и „Епл“, најавуваат намалување или елиминирање на производните капацитети во Кина.  Од друга страна, Мајкл Ауслин истакнува дека уште полошо за иднината на Кина е –неодамнешниот извештај за вкупниот долг на државата, корпорациите, домаќинствата и владата, кој сега сочинува 300 отсто од БДП.-