Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Стопанската комора на Македонија, предводена од претседателот на Комората, Бранко Азески, и претставници од Асоцијацијата во Стопанската комора на Македонија, ТИМ-40.
На средбата се разговараше за актуелните општествено-политички случувања во земјата и нивните влијанија врз економскиот амбиент, како и за заштита на интересите на бизнис-заедницата.
Пендаровски на средбата беше информиран за иницијативата за потпишување декларација за економски реформи, политики и мерки, која е поттикната од бавниот реален раст на македонската економија, кој од периодот од 1993 до 2021 година просечно годишно изнесува само 1,7 %.
Според претставниците на Комората, постојат пет приоритетни области во нашата држава потенцирајќи дека за создавање стабилен и предвидлив економски амбиент неопходно е решавање на сивата економија, корупцијата, гасификацијата, решавањето на проблемите со извозните компании, издавањето на дозволите за градба и регулирање на статусот на интернет-порталите.
Пендаровски ја поддржа иницијативата и ги поздрави напорите на бизнис-заедницата со цел поттикнување нови инвестиции, нови работни места и долгорочен одржлив економски раст и развој на земјата.
Во разговорите беше констатирано дека за унапредување на севкупните економски односи на државата потребно е решавање на сите отворени прашања преку дијалог и меѓусебна соработка.