фото: МЗШВ

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денеска се сретнал со американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер.

Трипуновски, како што информира МЗШВ, на средбата се заблагодарил за севкупната поддршка на САД за македонското земјоделство, истовремено побарал поддршка за справување со пожарите со кои се соочува Македонија деновиве.

– Преку НАТО механизмот за помош е испратено барање за помош, а во меѓувреме министерот информираше дека е пристигнат хеликоптер од Србија, обезбедени се две летала од Германија и едно летало од Чешка кое се очекува да пристигне вечерва – се вели во соопштението.

Во текот на средбата се дискутирало за актуелните проблеми со кои се соочуваат македонските земјоделци и за тоа дека се зајакнува и положбата на жените во руралните области.

– Соединетите американски држави даваат поддршка со цел развој на македонското земјоделство и производство на храна, максимално да се искористат потенцијалите кои што ги поседува Македонија како високо квалитетната плодна почва, доволна количина на вода и големиот број на сончеви денови – истакнал Трипуновски.

На средбата, како што се наведува, бил потврден ставот дека земјоделството треба да се развива според светските стандарди и македонските земјоделци да добијат модерни и квалитетни услови за работа се со цел да се зголеми производството на храна, а со тоа и да се зголеми извозот на земјоделските производи.