Светската банка во пролетната прогноза предвидува забавување на растот на македонската економија, која, според нив, ќе достигне 2,7 проценти. Како главна причина за забавувањето на економиите се посочуваат руско-украинскиот конфликт и санкциите воведени кон Русија. Предвидувањата се дека инфлаторските притисоци, особено храната и цените на енергентите, ќе ги зголемат трошоците за живот и дека најпогодени ќе бидат ранливите категории граѓани. Според Светската банка, фискалниот дефицит ќе остане зголемен со проектиран раст на јавниот долг над 62 проценти од БДП. Доколку продолжи војната во Украина, Светската банка прогнозира намалување на надворешната побарувачка, зголемување на цените на стоките и енергијата и доцнење на инвестициите. Ова сценарио, како што се наведува во извештајот, би резултирало со уште понизок раст и пораст на барањата за фискална поддршка.
– Засилената политичка неизвесност и одложениот пристап кон Европската Унија може да доведат до послаби реформски напори за зајакнување на потенцијалот за раст и консолидирање на јавните финансии – пишува во извештајот.
На среден рок, СБ препорачува земјава да ги врати јавните финансии на одржлива патека и да го насочи фокусот кон решавање на структурните предизвици, како опаѓачкиот човечки капитал, продуктивноста, миграцијата, слабите регулаторни рамки, лошата конкурентска политика, независноста на судството.
За 2023 и за 2024 година, СБ очекува македонската економија да забележи раст од 3,1 односно 3,2 отсто.
Од Светската банка укажаа дека војната против Украина и санкциите кон Русија ги погодуваат економиите низ светот, при што најсилен удар, секако, ќе претрпи украинската економија. Според СБ, се очекува економијата во оваа земја да се намали за 45,1 отсто, но додаваат дека тоа ќе зависи од времетраењето и интензитетот на војната. СБ најавува дека и Русија, погодена од санкциите, ќе западне во длабока рецесија со намалување на производството за 11,2 отсто во 2022 година.
Проекциите за Западен Балкан се дека под влијание на случувањата во Украина растот ќе забави и годинава ќе достигне 3,2 отсто.