Подобрување и модернизација на инфраструктурата и технологијата што се користи за ракување со регистрираниот багаж на патниците на Меѓународнот аеродром Скопје, најавува концесионерот, ТАВ Македонија, објави МИА. Од 9 октомври таму се врши надградба на системот за ракување со багаж (baggage handling system), процес што се очекува да заврши до крајот на месецов. И концесионерот и Министерството за транспорт и врски велат дека преземаат активности за што повеќе нови дестинации за патниците и очекуваат да продолжи растот во секторот и покрај глобалната инфлаторната клима и најновите геополитички случувања.
Според ТАВ, општо земено, и со оглед на моменталната геополитичка ситуација на глобално ниво, одредени модели на поврзување можеби се променети, но изгледите за годинава и понатаму, во однос на воздушното поврзување се очекува да се подобрат. Ресорното Министерство, пак, информира дека има интерес од странски авиокомпании да влезат на македонскиот пазар, но се уште се прават анализи дали ќе се објави уште еден повик за субвенционирани летови до крајот на годинава.
Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија, за МИА објасни дека системот што го надградуваат на Скопскиот аеродром, ја вклучува целата опрема, систем и софтвер кои работат за багажот што треба да се провери со рентген и да се сортира според летот и дестинацијата.
– Досега го имавме системот за ракување со багаж кој работи со стандардна 2 конфигурација на скенери и систем за рендген. Со активностите кои се во тек, или редизајнирање и реконфигурирање на системот, ќе го надградиме со помоќна технологија која е како компјутерска томографија, односно со машини т.н. „стандард 3“ .Во пракса, тоа значи демонтирање на опремата „стандард 2” и инсталирање на нова, „стандард 3” опрема и најнова технологија – вели Курт.
Во периодот на демонтирање и инсталирање не се соочиле со никаков прекин во опслугата на багажот, а вработените од одделот за Техника нашле начин како да се ракува со багажот во овој преоден рок.
Во однос на придобивките за патниците посочува дека оваа надградба значи подобрување и модернизација на инфраструктурата и технологијата што се користи за ракување со регистрираниот багаж на патниците, со што, како што вели, се подобрува ефикасноста, сигурноста и безбедноста на процесот на ракување со багажот, како и обезбедување дека тој багаж е прецизно насочен кон правилните летови.
Тој потсетува дека претходно на аеродромот беше воведена погодност за патниците со попреченост кои патуваат сами и на кои им е потребна помош на аеродромот. Своето пристигнување на аеродромот сега можат да го најават на влезот на паркингот – со јавување преку домофонот, специјално означен и инсталиран за оваа намена, можат да ја контактираат аеродромската Служба за специјална помош, која наскоро по јавувањето на патникот ќе го пречека на паркингот наменет за лица со попреченост и заедно ќе ги завршат сите аеродромски процедури потребни за авионско патување. Од неодамна е реновиран прајмклас бизнис-салонот на Скопскиот аеродром, а според Курт работат и на други проекти кои дополнително го подобруваат квалитетот на аеродромското работење и го зголемуваат патничкото искуство на нивните патници.
Актуелниот, зимски ред на летање за 2023/2024 година, што стапи во сила, брои 14 авиокомпании од Меѓународниот Аеродром Скопје, кои летаат до 41 дестинација, додека пак, по летната сезона исполнета со сезонски авиолинии на Охридскиот аеродром, сега таму ќе летаат три авиокомпании до четири дестинации до крајот на март в година.