Фото: Принтскрин

Милијардерот и „Твитер“ во ќорсокак

Илон Маск им кажал на потенцијалните инвеститори дека планира да отпушти речиси 75 отсто од вработените во „Твитер“ со зделката за неговото преземање на компанијата, објави „Вашингтон пост“.

Кратењето на работните места во „Твитер“ се очекува без разлика кој е сопственик на компанијата, според известувањето врз основа на интервјуа и документи.

Вестите за плановите на Маск, во случај на неговото преземање на бизнисот, доаѓаат во тежок миг за „Твитер“. Компанијата во јули објави дека го забавила процесот на вработување поради економските потешкотии во технолошката индустрија.

„Блумберг“ извести дека „Твитер“ во интерен документ посочил оти нема планови за отпуштања во компанијата. Во меѓувреме, сагата за преземање на „Твитер“ од страна на Маск придонела за лошо расположение меѓу вработените, како и за нивно масовно напуштање на компанијата.

„Твитер“ е опфатен во правна битка со милијардерот која трае неколку месеци, откако Маск се обиде да се откаже од договорот за преземање на компанијата вреден 44 милијарди долари, пред да се премисли и да објави дека сепак ќе ја испочитува спогодбата.

– „Твитер“ се чини безмилосен, а со падот на расположението, тоа е само нагласено од Маск. Се чини дека извесно време ги очекува тежок период – вели универзитетскиот професор Карл Тобајас.

Службата за човечки ресурси во „Твитер“ им кажала на вработените дека не се планираат масовни отпуштања, но документите кои ги покажуваат плановите за намалување на кадатрот и на инфраструктурните трошоци веќе циркулирале пред понудата на Маск за откуп на компанијата, известува „Вашингтон пост“.

Сегашниот менаџмент на „Твитер“ наводно планирал да отпушти 25 отсто од персоналот до крајот на идната година, додека новиот извештај покажал оти Маск има намера да го намали бројот на вработени од 7.500 до 2.000. Останува да се види каков ќе биде исходот доколку се реализира зделката помеѓу „Твитер“ и Маск.