Симпозиумот ќе се занимава со примарната функција и потенцијалот на кураторските практики како мост помеѓу уметниците, специфичните локации за настани и јавноста, притоа преиспитувајќи ги материјалните и општествените односи

Годишниот симпозиум на здружението на ликовни критичари АИКА Македонија, насловен „Курирање на јавното, курирање на заедничкото“, ќе се одржи денеска, со почеток од 12 часот, во Музејот на современата уметност во Скопје. Работната сесија на програмата вклучува излагања и дискусија на темата „Курирање на јавното, курирање на заедничкото“, конципирана и модерирана од Владимир Јанчевски. Учесници на симпозиумот се Ивана Мештров и Силва Калчиќ (Хрватска), Маја Ќириќ (Србија), Јане Чаловски, Биљана Тануровска-Ќулавковски и Клелија Живковиќ (Северна Македонија).
Симпозиумот се организира во партнерска соработка со АИКА Хрватска и културно-социјалниот простор „Центар-Јадро“ и со финансиска и техничка поддршка од АИКА интернешнал, Министерството за култура и Музејот на современата уметност – Скопје.
– Повеќе од три децении откако стана општоприфатено дека историјата конечно заврши, отворајќи ја вратата за униполарен свет за кој се веруваше дека го опфаќа и го вклучува целото човештво, се наоѓаме себеси разочарани и во неизвесна сегашност – веројатно најопасната и најнепријателска средина од Втората светска војна наваму. Денес постојано се потсетуваме дека функционалната демократија зависи од јавната сфера – исто така се и практиките на создавање слики, а поконкретно уметностите – кои се нужно дел од она што беше, или сè уште веруваме дека е, неопходен услов sine qua non за размислување на заедничкото. Разгледувањето на капитализмот и уништувањето на заедничкото, особено во сегашната фаза на неолибералниот капитализам, преку критиката на политиката на заедничкото од различни перспективи, може да создаде нови решенија, не само за нашиот економски опстанок туку и за изградба на свет ослободен од постојните хиерархии и поделби – вели Владимир Јанчевски, кој ја конципира и модерира темата на симпозиумот.
Симпозиумот ќе се занимава со примарната функција и потенцијал на кураторските практики како мост помеѓу уметниците, специфичните локации за настани и јавноста, притоа преиспитувајќи ги материјалните и општествените односи.

– Имајќи ги предвид различните концепции за јавноста што подразбираат не само движење надвор од институционалниот простор, како што се многу различни интервенции и партиципативни проекти, можеме да откриеме алтернативни модели на интеракција, како во физичкиот така и во виртуелниот простор. Честопати се чини дека оваа неизбежна борба за заедничкото ги трансформира културната сфера и културните работници во девијантна група, заедница што навистина е последната одбрана во поттикнувањето на критичкото размислување и предизвикувањето на статус квото. Затоа, исто така, ја сметаме за неопходна анализата на стратегиите што се користат за привлекување разновидна публика од различни социоекономски средини и за создавање основа за дијалог, како и прифаќањето вакви проекти во прекарни општествени средини и различна публика што е повикана и засегната – вели Јанчевски.
По неговото воведно обраќање, Клелија Живковиќ ќе зборува на темата „Дизајн за оживување“, Силва Калчиќ ќе даде примери на проширени кураторски практики во современата уметност, Јане Чаловски ќе се осврне на Македониумот како драматургија на незавршеното, Биљана Тануровска-Ќулавковски ќе има реферат на темата „Вознемирување на сталоженото- Курирање на заедничкото како нарушување на нормативното“, Ивана Мештров на темата „Усогласување, или ритмоаналитички пристап кон децениската колективна и јавна уметничка кураторска практика“ и Маја Ќириќ ќе зборува за курирањето (и) НФТ, по што ќе следува дискусија. В.Д.