Фото: Архива

Владата пред седум дена донесе одлука со која го задолжи АД ЕСМ преку ЕСМ продажба до 30 април идната година да ги снабдува со електрична енергија производителите на основни прехранбени производи, водостопанските јавни претпријатија, основните и средните училишта и јавните здравствени установи, а ЕСМ веќе ги утврди процедурите и ја подготви потребната документација врз основа на која ќе се склучат договорите за снабдување со електрична енергија од 1 декември годинава.

-Оваа одлука е донесена со цел да се спречи растот на цените на основните прехранбени производи, да се одржи сигурност и континуитет во снабдувањето со вода и да се обезбеди електрична енергија за училиштата за непречено одвивање на наставата во текот на целиот есенски и зимски период, рече премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција во Владата.

Тој посочи дека документацијата и упатствата се крајно поедноставени и ќе се постават на официјалната веб страница на АД ЕСМ од каде потрошувачите ќе може да ги симнат и да ги пополнат и заедно со другите документи кои треба да бидат приложени кон барањето треба да ги пратат на е-маил, а потоа да ги достават и до архивата на компанијата.

-За датумот на аплицирање ќе се смета времето кога комплетните документи се пратени официјално по е-маил. Потрошувачите можат да склучат договори за снабдување со електрична енергија од АД ЕСМ секој 1-ви во месецот, односно 1 декември годинава, 1 јануари, 1 февруари, 1 март и 1 април 2023 година. За да почнат да се снабдуваат со електрична енергија од првиот ден во наредниот месец сите заинтересирани потребно е најдоцна до 10-ти во тековниов месец да го достават до ЕВН продажба потпишаниот договор со потребната документација. Овој рок не важи само за корисниците кои во моментов се на снабдувач во краен случај. За нив рокот е до 20-ти во тековниот месец, прецизира Ковачевски.

Со оваа мерка, како што кажа, се опфатени три категории на потрошувачи.

– Во првата категорија влегуваат физички и правни лица регистрирани за вршење на приоритетна дејност од областа на прехранбената индустрија. Тука се основните продукти месо, млеко, леб, масло,… Цената на електричната енергија за нив ќе биде 80 евра за мегават час и ќе важи само за потрошувачката на броилата за директно извршување на приоритетната дејност, односно исклучиво за производствениот процес. Целта е да се одржи стабилна цената на основните прехранбени производи, односно да не дојде до раст на нивните цени предизвикани од исклучително високите сметки за струја или прекин на производство – посочи Ковачевски.

Побара да бидат солидарни производителите опфатени со оваа мерка и да ги намалат цените на основните прехранбени производи за најмалку 10 проценти.

-Во втора категорија спаѓаат јавни претпријатија од областа на водостопанство, собирање и одведување на урбани отпадни води и прочистување на отпадни води кои работат со пумпни лили пречистителни станици. Цената за нив ќе биде 95 евра за мегават час, рече Ковачевски.

Во третата категорија, како што кажа, се 365 основни и 109 средни јавни училишта како и јавните здравствени установи.

-За да имаме топли училишта и топли болници во оваа кризна состојба Владата обезбеди повластена цена на струја од ЕСМ од 95 евра за мегават час. Целта на снабдувањето на училиштата е да се осигура настава, односно дека нема да дојде до нарушување на воспитно образовниот процес од причини на недостиг на струја, исклучување поради неподмирени високи сметки, рече Ковачевски.

Потврди дека Владата ќе продолжи да ја субвенционира струјата со 80 проценти за над 600 илјади домаќинства и за 72 илјади мали потрошувачи. За 42 илјади граѓани од најранливите категории, додаде, ќе има директна финансиска помош, како и за пензионерите со најниски примања.