Фото: Игор Бансколиев

Резултатите од извештајот се неповолни за Македонија во повеќе области. Имаме висока стапка на смртност од ковид-19 и меѓу најлошите резултати во регионот во тестовите ПИСА на ОЕЦД, заедно со најнискиот резултат за индексот на медиумска писменост, од сите земји во Европа. Со други зборови, во Македонија се случува регрес од четири години, односно вратени сме во развојот за период од четири години

НАЈНОВ ДОКУМЕНТ ЗА ЧОВЕКОВИОТ РАЗВОЈ НА УНДП

Од 181 земја, колку што се анализирани во најновиот извештај за човековиот развој 2021/2022 на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) – „Неизвесни времиња, несигурни животи, обликување на нашата иднина во светот што се менува“, Македонија се најде на 78-то место, зад сите земји од регионот.
Резултатите во извештајот покажуваат дека нашата земја е на петто место во светот по стапката на смртноста од ковид-19, а шокот од пандемијата најмногу ги оптоварува жените.
Македонија има меѓу најлошите резултати во регионот во тестовите ПИСА на ОЕЦД, заедно со најнискиот резултат за индексот на медиумска писменост, од сите земји во Европа. Земјата има многу слаб одбранбен систем против демократските закани и опасности со популација што е, општо земено, недоволно информирана да ги препознае самите извори на тие закани и опасности.
Според извештајот, иако Македонија имала мало подобрување минатата година, општата перцепција на корупцијата придонесува кон слабото владеење во државата и можноста за дополнително демократско назадување.
Индексот на УНДП укажува на основните постигнувања во човековиот развој на глобално ниво, а и земја по земја. Тој го претставува нивото на напредок за постигнување на посакуваниот човечки стандард на живеење во суштински области, како што се образованието, долговечноста и економскиот развој.
Земјите во извештајот се групирани во четири групи – земји со низок, среден, висок и многу висок раст на човековиот развој.
Индексот за човековиот развој во 2021 година глобално почнува да опаѓа, па половина од земјите во регионот на Југоисточна Европа се со многу висок човеков развој, а другата половина се со низок човеков развој. Македонија е на дното на втората група, зад Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, а во првата група се Словенија, Грција, Хрватска, Црна Гора и Србија.

– Економската криза предизвикана од пандемијата и руската агресија врз Украина доведоа до ценовни шокови и раст на животните трошоци во Европа и светот. Ние сме високорангирани во однос на смртноста од ковид-19, загаденоста на воздухот ни е хроничен проблем, а имаме слаби резултати во образованието и медиумската писменост. Мора да ги удвоиме националните напори за да постигнеме посилен економски и општествен развој – укажа претседателот Стево Пендаровски, кој беше домаќин на презентацијата на извештајот.
Иако Македонија имала мало подобрување минатата година, општата перцепција на корупцијата придонесува кон слабото владеење во државата и се отвора можноста за демократско назадување.
– Откако е воведен во 1990 година на светско ниво, но и во случајот со С. Македонија, растот е континуиран, сè до 2018 година, каде што како земја почнуваме да назадуваме, но тоа не е проблем само на нашата земја, туку е и глобален проблем – посочи Марко Трошановски од институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје.
Според него, ако продолжи трендот на регрес и во наредната година, тогаш Македонија мора да биде загрижена за сопствениот човеков развој.
– Ако се земе низ години, може да се види дека постојано сме имале зголемување на индексот на човековиот развој, сѐ до 2020 година. Во 2021 година, во случајот на Македонија е на ниво на развојот од 2017 година… За разлика од светот, каде што има петгодишен регрес, во Македонија се случува регрес од четири години, односно вратени сме во развојот за период од четири години. Но она што исто така загрижува е ако ова продолжи и во наредната година, проектираното враќање нема да биде пет, туку седум години наназад, што е многу загрижувачки податок – истакна Трошановски.
Во извештајот на прво место годинава е рангирана Швајцарија, пред Норвешка, Исланд, Хонгконг и Австралија. Од шестото до десеттото место се Данска, Шведска, Ирска, Германија и Холандија.
Од земјите во регионот, најдобро е рангирана Словенија, на високото 23-то место, Грција на 33-то, додека на 40-то место е Хрватска. Црна Гора е на 49-то, Романија на 53-то, Србија на 63-то, а Албанија е на 67-то место, пред Бугарија на 68-то и БиХ на 74-то место.
Инаку, во 2021 година средната вредност на очекуваниот животен век во Македонија е 73,8 години, очекуваните години на школување се 13,6, додека средната вредност на години што луѓето ги поминуваат реално во училиште наспроти колку се очекува од нив се 10,2 години.
Според претседателот Пендаровски, без соодветна здравствена заштита, квалитетно образование и медиумска писменост, тешко е да се очекува висок животен стандард.

– Голем дел причини за овие состојби се екстерни и едноставно не зависат од нас – климатските промени, геополитичките тензии, економските, енергетските и здравствените кризи се глобални потреси што го забавуваат прогресот. Но, освен надворешните влијанија, нашиот развој нема задоволително темпо и како последица на низа внатрешни фактори – рече Пендаровски.
Тој напомена дека сведочиме на долга децениска историја на започнати а незавршени реформи, како и на корупција, клиентелизам и сива економија, кои ја еродираат довербата на граѓаните во институциите. Безмалку, како што рече, секоја власт од независноста до денес, наследуваше и оставаше системски слабости што се таложеа.
– Развојот на човештвото е во основата на цивилизацијата. Цивилизацијата не значи ништо друго туку подобрување на животот на човекот, правење услови за извесна иднина, фер правила на игра, подобрување на околината во која живееме, создавање добри услови за економија, добро образование и здравство, правда и праведност за сите, оставање подобро опкружување за идните генерации од она што сме ги наследиле – изјави постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан.
Според него, она што треба да се прави сега, вклучувајќи ја и Македонија, е да се наоѓаат решенија за забележаните проблеми.
– Две години човештвото влегува од криза во криза. А, што прават луѓето во криза? Се организираат и наоѓаат решенија. Можеби тоа нема да бидат најдобрите решенија во моментот, но штетата е поголема ако не се прави ништо. УНДП работи на развојните политики со години. Социјалната вклученост и заштита, демократското управување, заштитата на животната средина се во срцевината на нашето работење – додаде Григорјан. С.Т.