Полиција пред иранската амбасада во Тирана/Фото: Принтскрин

Албанскиот премиер Еди Рама минатиот месец оствари тридневна посета во Израел каде што се сретна со државниот врв и со првиот човек на Националниот сајбер-директорат на Израел, Габи Портној, при што дискутираа за засилување на безбедносната соработка и за организацијата на самит на балканските лидери во Израел, в година, пишува „Форин полиси“.

Посетата на Рама уследи откако Албанија го обвини Иран дека стои зад низа сајбер-напади спроведени во јули и во септември, а во кои привремено беа исклучени онлајн-сервисите и веб-страниците на неколку албански владини институции. Рама соопшти дека владината истрага, спроведена со помош на ФБИ и „Мајкрософт“ открила дека сајбер-нападите се извршени од иранската држава, нарекувајќи ги „државна агресија“. Како одговор, иранските дипломати беа протерани од Албанија. А таквиот потег на Албанија наиде на одобрување од Израел. Техеран, пак, ги отфрли тврдењата дека стои зад сајбер-нападите и ја обвини Албанија за поддршка на американско-израелската кампања против Иран.

Па, се поставува прашањето како Албанија се најде на сајбер-нишанот на Иран, пишува „Форин полиси“, истакнувајќи дека двете држави се во конфликт со години, откако Албанија почна да прима членови на иранската опозиција, односно на организацијата „Народни муџахедини на Иран“ (МЕК) на барање на САД. Присуството на групата е забележано во Албанија од 2013 година.

Иран со незадоволство гледа на гостопримството на Албанија за МЕК, иако Техеран главно ги обвинува САД за ситуацијата. Иранското министерство за надворешни работи ги критикуваше САД за принудување на албанската влада да ги прими членовите на МЕК и да ги обучи и снабди со сајбер-технологија.

Ваквата ситуација го отвори прашањето зошто Албанија свесно се вовлече во една од најтензичните геополитички пресметки, што ги вклучува САД, Израел и Иран преку согласноста да ја прими контроверзната група.

– Бројни албански аналитичари ми кажаа дека идејата не била албанска иницијатива, туку американско-израелски договор. А албанската влада се согласила за да ја покаже прозападната настроеност – пишува авторот на написот Харун Карчиќ.

Неговите соговорници му посочиле оти Албанија на тој начин цели да ја засили улогата во регионот, како и дипломатските врски со САД и со Израел.

Во случајот на Албанија, сите три страни добиваат. Албанија ја добива поддршката на Израел во сајбербезбедноста и разузнавањето, а ја покажува и лојалноста кон Вашингтон. Израел формира поцврсти врски со неарапска муслиманска држава на неговата периферија, а САД продолжуваат со обучување на група што политички и воено се спротивставува на нивниот ривал Иран, се заклучува во анализата на „Форин полиси“.