Неодговорното трошење и задолжување можеби беа одржливи во време на ниски каматни стапки, но тој период заврши. Акумулацијата на долгот можеби би можела да се оправда дури и за време на пандемијата, кога парите се делеа со голема рака за да се спаси економијата, без да се размислува што ќе се случи кога тој долг ќе треба да се врати. Ова не е добра вест за сите држави во светот. Кина и ЕУ се главни извозници во САД, а ефектите од можната должничка криза на САД не може да се ограничат, туку ќе се прелеат на целиот свет

Големо ниво на задолжување: И во ЕУ и во САД акумулиран огромен долг

Долгот на државите во еврозоната во 2022 година, според статистичката агенција Евростат, изнесувал 91,4 отсто од економското постигнување. Споредено со 2021 година, тоа е намалување на долгот за четири проценти. Според анализите на Европската централна банка (ЕЦБ), тоа може да се припише на еднократен ефект поради економското закрепнување по пандемијата на коронавирусот. Во својата најнова прогноза, ЕЦБ за оваа година очекува ниво на долг од 89 отсто. Следната година, најверојатно, ќе падне благо на 88,6 отсто.
Севкупно, нивото на долгот е далеку над максималната граница од 60 отсто од бруто-домашниот производ (БДП) поставена во таканаречениот Пакт за стабилност и раст на ЕУ. Пактот е особено важен за земјите од еврозоната, односно 20-те членки на ЕУ, кои го имаат еврото како заедничка валута. Впрочем, тоа треба да ја гарантира стабилноста на валутата.
Единаесет држави на ЕУ се над границата од 60 отсто. Најзадолжени земји се Грција со 171 отсто од БДП и Италија со 144 отсто. На Германија и понатаму ѝ оди доста добро со 67 отсто. Следната година, високозадолжените земји повторно ќе мора сериозно да се зафатат со намалување на долговите, препорачува Европскиот фискален одбор, независно советодавно тело на Европската комисија.
– Во моментов имаме многу високо ниво на долг. Самото ниво можеби не се гледа како проблем, но изгледите дека долгот нема да падне без драстични реформи во презадолжените земји нѐ загрижува – истакна Нилс Тајгесен, пензионираниот професор по економија од Данска и претседател на фискалниот советодавен одбор.
Рефинансирањето на долговите станува поскапо за високозадолжените земји поради високите основни каматни стапки. Јазот меѓу солидните германски и главно ризичните италијански државни обврзници се зголемува. Рејтинг-агенцијата „Мудис“ веќе го намали кредитниот рејтинг на Италија.

Високите каматни стапки, кои ја зголемуваат цената на долгот, сега ги погодуваат министрите за финансии со полна сила во нивните буџети. Германскиот министер за финансии Кристијан Линднер неодамна објави дека финансирањето на сервисирањето на долгот ќе чини 40 милијарди евра оваа година. Годината пред тоа беше само четири милијарди евра, што значи се зголеми за десетпати.
Според Министерството за финансии во Рим, Италија ќе мора да издвои огромни 100 милијарди евра за да ги рефинансира своите долгови следната година.
Економистот Нилс Тајгесен ги повикува земјите да усвојат долгорочен план за намалување на долгот сега, пред проблемот, како што беше случајот со грчката криза пред девет години, да излезе од контрола и да доведе до национални банкротства.
– Фактот што сега имаме повисоки каматни стапки од очекуваното треба да нѐ потсети дека проблемот навистина треба сериозно да се сфати и дека разликите меѓу задолжените земји ќе продолжат да растат доколку ништо не се преземе – вели Тајгесен.
Десничарската влада на Џорџа Мелони во Италија има најголеми проблеми, но не е сама. Франција, Шпанија, Португалија, Грција и Кипар, исто така ќе мора да ги консолидираат своите буџети, пишуваат советниците за буџетска политика на Европскиот фискален одбор во нивниот годишен извештај.
Како тоа треба да се направи без да се задуши економијата или да се воведат строги програми за штедење е прашање на голема дебата меѓу министрите за финансии на ЕУ.

– Потребна ни е долгорочна стратегија за намалување на долгот, не едногодишни цели како порано, туку четиригодишен план, на пример. Ова треба да биде пат кон консолидирање на јавните буџети што ќе ја прави многу веројатна насоката кон намалување на долгот – препорачува економистот Тајгесен. Строгите годишни цели, според него, не се ефективни, туку поединечни цели во подолг временски период, а исто така и трпение.
И неодржливоста на американскиот национален долг станува сѐ појасна, па оваа година кредитниот рејтинг од кредитните агенции започна да паѓа. Имајќи ги предвид објективните показатели за задолженоста, односно односот на националниот долг кон БДП, процентот од буџетот што годишно се троши за отплата на државниот долг и проекциите за трендот на националниот долг во иднина, САД не треба да се меѓу земјите со совршен кредитен рејтинг. Таа позиција е резервирана главно за европските земји, кои важат за најкредибилни должници во светот, односно веројатноста дека нема да го вратат долгот е речиси незамислива. Данска, Германија, Луксембург, Холандија, Швајцарија, Норвешка, Шведска, Сингапур, Австралија имаат максимален кредитен рејтинг во сите три главни кредитни агенции. До неодамна, САД припаѓаа на тој ексклузивен клуб, но „Фич“ го намали рејтингот и ја промени перспективата од стабилна во негативна. Долгот на САД е 121 отсто од БДП, иако реално е помал бидејќи дел од него се однесува на долгот на некои владини институции кон други владини институции во САД. Но тоа е многу повеќе од земјите со максимален кредитен рејтинг.
Според податоците на ММФ, државниот долг на Данска е 30 отсто од БДП, на Германија 67 отсто, на Луксембург 24 отсто, на Швајцарија 39 отсто, на Норвешка 40 отсто, на Шведска 32 отсто, а на Австралија 56 отсто. Јасно е дека САД се далеку зад тие земји.

Единствената причина зошто САД имаат максимален кредитен рејтинг е доларот, фактот што ја контролираат распределбата на главната светска валута, во која се тргува најмногу во светот и во која централните банки на другите земји во светот главно ги задржуваат своите девизни резерви.
Неодговорното трошење и задолжување можеби беа одржливи во време на ниски каматни стапки, но тој период заврши. Акумулацијата на долгот можеби би можела да се оправда дури и за време на пандемијата, кога парите се делеле со голема рака за да се спаси економијата, без да се размислува што ќе се случи кога тој долг ќе треба да се врати. Ова не е добра вест за сите држави во светот. Кина и ЕУ се главни извозници во САД, а ефектите од можната должничка криза на САД не може да се ограничат, туку ќе се прелеат на целиот свет.
Последните податоци објавени од Министерството за финансии за јавниот долг на Македонија покажуваат дека заклучно со септември тој достигнал 55,8 отсто од бруто-домашниот производ. Јавниот долг на земјава веќе ја надмина психолошката граница од осум милијарди евра, достигнувајќи на крајот на јуни 2023 година 8,033 милијарди евра. Според податоците од Министерството за финансии, јавниот долг е зголемен за повеќе од дупло за 10 години. Во 2013 година, тој изнесувал 3,281 милијарди евра, што зафаќало 40,3 отсто од БДП.