Со домаќинско управување со енергетската криза мора да се следи што се случува на пазарот и ако на пазарот има електрична енергија чија берзанска цена е пониска од производствената, недозволиво е да се произведува со повисока цена. Токму затоа се прави привремен увоз на електрична енергија, порача денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
– Уверуваме дека ќе имаме доволно електрична енергија до крајот на годинава. Тековното работење не треба да ги засега сите затоа што на крајот на денот енергетскиот биланс ќе биде тој којшто го кажавме пред некој месец со планот до крај на годината. Од јануари ќе гледаме како ќе продолжиме понатаму, но и претходно сме докажеле дека тоа што ќе го ветиме, го испорачуваме – рече Битиќи во одговор на новинарско прашање пред почетокот на Балканскиот економски форум во Скопје.
Посочи дека нема да има поголем проблем со електричната енергија и нагласи дека се прават сите подготовки за во декември да почне производството со сите расположливи домашни капацитети.
– ТЕЦ Неготино е во процес на ремонт, но неговата производна цена на електричната енергија е повисока од берзанската цена и немаше логика да произведува дури и да беше во можност да испорачува електрична енергија – укажа Битиќи.
Во врска со кампањата „Штеди струја“ истакна дека финансиските средства за нејзино спроведување не се од Буџетот, туку од општествено одговорни компании.
– Мислам дека воопшто нема да ја чини државата затоа што општествено одговорните претпријатија соодветно постапуваат во период кога треба да се повика на штедење. Не знам дека на Влада имаме одобрено финансиски средства за тоа и затоа мислам дека е битна пораката која се испраќа со кампањата – посочи Битиќи.
Битиќи: РКЕ и ЕВН хоум треба да се занимаваат со оние кои недозволено се префрлиле на регулираниот пазар на електрична енергија
Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) и компанијата која ја испорачува електричната енергија – ЕВН хоум треба да се занимаваат со фирмите кои недозволено се префрлиле од отворен на регулиран пазар, истакна денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
– Има кој да ја обелодени листата на оние кои неправилно се префрлиле од отворен на регулиран пазар на електрична енергија и се ќе се случи во свое време. Ги повикавме сите надлежни органи да постапат како што треба по закон. Ако некој направил нешто што не е законски, се знае каде е одговорот. За жал, често се бараат одговори од мене лично и од извршната власт, но треба еднаш за секогаш да сфатиме дека извршната власт е поделена со другите власти и секој треба да го прави тоа што му е обврска и надлежност по закон, рече Битиќи, одговарајќи на новинарско прашање пред почетокот на Балканскиот економски форум во Скопје.
Училиштата и градинките, како што додаде, ќе останат на регулираниот пазар на електрична енергија се додека за тоа има одлука на Влада.
-Не сакаме да загрозиме ни една услуга кон граѓаните. Здравствените услуги и образовниот процес не може и не треба да запрат заради тоа што имаме неспособни институции, во случајов единиците на локалната самоуправа, кои не можат да им овозможат соодветно да ги испорачаат нивните услуги, особено кај образованието. Рековме одлуката е до крај на април идната година да бидат на регулираниот пазар со одредени фиксни цени на електричната енергија, а после тоа треба да се вратат на слободен пазар доколку состојбите се подобрат, нагласи Битиќи.
Најави дека во март идната година, Владата ќе одлучи што ќе се прави после април, бидејќи, како што кажа, одредена извесност за тоа што ќе се случува има само до април.