Фото: Игор Бансколиев

Бранот на протести и социјални намери, на кој уште пред еден месец предупреди ММФ, како веќе да дојде во Македонија, и тоа предвреме, уште пред почетокот на зимата. Имено, деновиве вработените од неколку јавни и државни претпријатија протестираат поради неисплатени плати, Стопанските комори постојано реагираат и бараат помош од властите, заканувајќи се со отпуштање на вработените, а граѓаните веќе не можат да сврзат крај со крај поради опаднатиот животен стандард и високата инфлација. Може ли да ѝ се застане на патот на кризата и да се превенираат поголеми немири

Анализите на меѓународните финансиски инсtитуции почнаа да се остваруваат

Суровата зима, серијата поскапувања и недостигот од енергенти може да доведат до социјални немири во Европа и бран граѓански протести. Секако дека постои страв од рецесија во некои земји или дури и да нема рецесија, оваа зима работите ќе изгледаат како да има рецесија. Тоа беа предвидувањата изречени од генералната директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, во нејзините редовни обраќања во септември годинава. Ваквиот развој на настаните може(ше) да се очекува по длабоката енергетска и економска криза во која се наоѓа светот и пред сѐ земјите од европскиот континент. Но тоа што можеби нѐ „изненади“ во овие предвидувања, во случајот со Македонија, е временскиот рок во кој се соочивме со неизвесноста на социјален и економски план. Имено, бранот на протести, на кој предупреди ММФ, како да дојде во Македонија предвреме, уште пред почетокот на зимата. Имено, деновиве вработените од неколку јавни и државни претпријатија одржаа предупредувачки протести за штрајк доколку не им биде исплатена септемвриската плата. Тоа веќе го сторија и вработените од „Македонска пошта“ и „Водостопанство на Македонија“, а вчера имаше проблеми и во одржувањето на јавниот градски сообраќај во Скопје, по најавите дека возачите од јавното претпријатие нема да ги извршуваат своите обврски.
Кризата ја почувствуваа сите субјекти од јавниот и приватниот сектор, а најмногу граѓаните, кои се соочени со високите цени и нередовната исплата на платите. Реакциите се различни, по правило вработените во јавниот сектор први реагираат на нередовната исплата на плати, додека стопанските субјекти од приватниот сектор се обидуваат да се приспособуваат на кризата на различни начини, преку рационализација на тековните активности или, во најлош случај, со затворање на погоните. Клучниот проблем е недостигот од тековни финансиски средства, за да се одржува континуитет на економските активности, а во овој случај и на добивање квалитетна услуга од јавните претпријатија.
Во целиот изминат период од осамостојувањето на Македонија, како што велат нашите соговорници. граѓаните се соочуваат со добивање ненавремена и квалитетна услуга од јавните претпријатија, кои се целосно неподготвени да дејствуваат во услови на економска криза.

– Тоа што ни се случува сега е одраз на целосната недоверба на граѓаните во институциите што треба навремено да ни испорачаат топлинска енергија или квалитетен јавен превоз. Се покажа дека најнеподготвени се јавните и државните претпријатија, кои се оставени да бидат раководени од лица што се поставени поради партиски заслуги, а не според професионалните компетенции. Сите досегашни партии на власт не успеаја да направат вистински реформи во јавните институции и резултатот на тоа го гледаме денес – ни изјави нашиот соговорник економски аналитичар и финансиски консултант.
Светската банка во есенскиот извештај предупреди дека македонската економија може да влезе во стагфлација. Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии смета дека, со оглед на ризикот од стагфлација, односно од забавен или низок раст проследен со висока инфлација, проследен со високи стапки на инфлација, земјата ќе мора да почне со реализација на реформите, кои можат повторно да го зајакнат растот на среден рок.
– Првото што треба да го направи е да се преземат мерки за контрола на инфлацијата, конкретно преку замрзнување на цените на основните прехранбени производи и енергентите. Земјите во соседството што го направија тоа, Албанија и Србија, имаат најниска инфлација во регионот. Второто нешто што е потребно е да се поттикне растот на платите, зашто без тоа ќе се намалува куповната моќ на луѓето, па тие помалку ќе трошат, што дополнително ќе ја забави и економската активност. Како трето, потребно е да се зголемат социјалните трансфери, особено за најранливите и најсиромашните, затоа што тие се оние што се најмногу погодени од оваа криза – посочува Бранимир Јовановиќ.
Во меѓувреме, Стопанската комора повторно апелира за тоа дека компаниите ја очекуваат ветената поддршка од Владата. Комората смета дека државата има тесен маневарски простор за финансиска поддршка на околу 1.600 компании што се на слободниот пазар на електрична енергија и затоа предлага да се разгледа можноста тие средства да се обезбедат преку намалување на непродуктивните трошоци во буџетот.

– Не треба да залажува моменталната цена на струјата на берзите, бидејќи ниедна од причините за нејзин раст во иднина не е елиминирана. За да се одржат домашната економија и конкурентноста на домашните производи и услуги, и дома и во странство, но и за да ги зачуваат работните места, компаниите ја очекуваат поддршката од Владата што беше ветена, бидејќи бизнисите претрпеа финансиска штета плаќајќи сметки за струја некаде и до шест пати повисоки од минатогодишните – соопштија од Комората.
Директните средби на коморското раководство со компаниите во изминатите денови покажале дека енергетската криза има силно влијание врз конкурентноста на македонската економија и со тоа компаниите тешко ја одржуваат ценовната ликвидност на своите производи и услуги на странските, но и на домашниот пазар.
Премиерот Димитар Ковачевски најави дека до крајот на месецов треба да биде финализиран пакетот мерки за помош на компаниите што се на либерализираниот пазар. Владата се обидува да најде начин некои од компаниите што се на слободниот пазар на електрична енергија да бидат вратени на регулираниот, но тоа да не предизвика дополнителни трошоци што би влијаеле на зголемување на цената на електричната енергија од 1 јануари идната година за домаќинствата и 72-те илјади компании што се веќе на регулираниот пазар. М.Ј.