Српското министерство за одбрана, кое не ја признава независноста на Косово и го смета за составен дел од српската територија, пред неколку дена соопшти дека го подигнало нивото на воена подготвеност за некои од своите војници стационирани во близината на границата со Косово

Ситуацијата околу Косово останува главен безбедносен проблем на Балканот и бара посебно внимание од меѓународната заедница. Тоа го побара постојаниот претставник на Русија во ОН, Василиј Небензија, за време на својот говор во Советот за безбедност на светската организација.
– Косово останува главен фокус на тензиите на Балканот, поткопувајќи ги напорите за одржување на мирот и стабилноста во регионот. Безбедносната ситуација во покраината (Русија не ја признава независноста на Косово – н.з.) исто така постојано се влошува, што бара внимание од меѓународната заедница и Советот за безбедност на ОН – рече тој.

Примери за нарушување на безбедноста и јавниот ред и мир

Шефот на руската дипломатска мисија посочи дека „од почетокот на 2022 година, на Косово се регистрирани повеќе од 100 случаи на напади врз Срби, нивниот имот, гробишта и верски светилишта“, што е „речиси двојно повеќе од една година порано“.
Покрај тоа, Небензија го истакна воведувањето на Косово на „забрана за употреба на статусно неутрални регистарски таблички од страна на Србите, со закана за конфискација на возила во случај на непослушност“.
– На крајот на јули, оваа одлука на Приштина ја приближи ситуацијата до вжештена фаза и речиси доведе до крвопролевање – рече тој.
Рускиот дипломат, исто така, го привлече вниманието на фактот дека „Приштина продолжува да бара нова воена помош“ и „бара распоредување втора американска база во покраината, испорака на системи за електронско војување и артилерија со опсег од над 10 км“, а косовскиот воен буџет „достигна рекорден обем, кој надминува 100 милиони евра оваа година, што никако не ги прикажува како мирољубиви намерите на властите“.

На Косово топло-студено со општата безбедносна состојба и заканите за прелевање на кризата во регионот

Според Небензија, Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, усвоена на 10 јуни 1999 година, потврдува дека автономниот регион Косово и Метохија е дел од Србија. Косовските власти прогласија независност во февруари 2008 година. Повеќе од 60 земји, вклучувајќи ги Русија, Индија и Кина, како и пет земји од ЕУ, не ја признаваат независноста на Косово, додека околу 100 земји, вклучувајќи ги САД, Канада и повеќето земји од ЕУ, ја признаваат независноста на Косово.
Напорот за промена на регистарските таблички на автомобилите започна минатата година и беше проследен со протести на Србите на северот на земјата, кои се поддржани од Белград и живеат во близината на границата на Косово со Србија. Тензиите повторно се разгореа минатиот месец, откако Приштина објави дека правилото ќе стапи во сила на 1 август, што ги натера етничките Срби да организираат блокади на патиштата. Тензиите се намалија откако Курти, под притисок на САД и ЕУ, се согласи да го одложи менувањето. Блокадите беа укинати под надзор на НАТО, кој има околу 3.700 мировници на Косово.
Српското министерство за одбрана, кое одбива да го признае независно Косово и го смета за составен дел од српската територија, во средата соопшти дека го подигнало нивото на воена подготвеност за некои од своите војници стационирани во близината на границата со Косово.

Подготвил: Mарјан Велевски