Според извештајот од Светската банка:
Според последниот извештај од Светската банка (СБ), со стапката на инфлација што ја има Македонија, државата се наоѓа на врвот од земјите во регионот, а притоа е меѓу последните според проекциите за економски раст!
Споредба на стапката на инфлација во Македонија и во земјите од регионот
Ако се анализираат податоците од извештајот на СБ, откако настапија економската и енергетската криза, Македонија речиси цело време го држи врвот по стапката на инфлација. Статистика измери дека во мај има пад, но сѐ уште е двоцифрена – на ниво од 11,3 отсто, што значи дека е највисока во однос на земјите од регионот што досега ги имаат објавено податоците.
Во мај пониска инфлација имаат Словенија, Хрватска и Албанија, а најниска стапка е измерена во Грција од 2,8 отсто. Дел од земјите уште не ги имаат објавено податоците, но ако го погледнеме движењето во април, полоши од нас се само во Србија, а најниска инфлација во април имало во Косово и во Грција.
Во изминатиот период властите се обидуваа да ја зауздаат инфлацијата со замрзнување, односно одмрзнување на цените на одредени артикли. Пред нецел месец одлучија дека е време да престанат да важат смрзнатите цени и да се ослободи пазарот, со забелешка дека, ако е потребно, во иднина повторно ќе се примени истата мерка.
Загрижува намалената проекција за економскиот раст
Тоа што особено загрижува е намалената проекција за глобалниот економски раст. Македонија е држава што многу е зависна од случувањето на економски план, не само во регионот туку и пошироко. Светската банка веќе излезе со проекции намалени во однос на претходниот квартал во кои се наведува дека економскиот раст во светот ќе забави и на крајот на годинава ќе се испорача зголемување од само 2,1 отсто, а тоа претставува намалување од еден отсто за само три месеци. Во однос на регионот, прогнозата на раст на економијата во земјава е некаде на средина. Ако највисоката е за Косово 3,7 отсто раст, а најниската за Бугарија 1,5 отсто, македонската економија е проектирана на 2,4 отсто раст за годинава. Не само за земјава туку на глобално ниво предизвиците и ризиците се исти за сите.
Според Светската банка, еве како изгледа проекцијата на економски раст за 2023 година и за другите земји од регионот: Косово 3,7 отсто; Црна Гора 3,4 отсто; Албанија 2,8 отсто; Босна и Херцеговина 2,5 отсто; Србија 2,3 отсто; Хрватска 1,9 отсто; Бугарија 1,5 отсто.
– Клучни фактори што влијаат на економските перспективи се влијанијата од војната во Украина, пониската лична потрошувачка, заострените глобални финансиски услови и послабата побарувачка во еврозоната – се наведува во извештајот на Светската банка.
За разлика од Светска банка, ЕБОР, која е исто така влијателна меѓународна финансиска институција, очекува БДП на земјава годинава да не се зголемува повеќе од два отсто, што е најниска прогноза од сите институции што ја мерат силата на македонската економија.
Од Народната банка на Македонија се очекува годинава да заврши со раст на економијата од 2,1 отсто. Пооптимистички очекувања има за годината што следува и за 2025 година. За следната година растот е проектиран на 3,6 отсто, а пак за две години дека економијата сериозно ќе закрепне и ќе се искачи на раст од четири отсто. Од Европската банка за обнова и развој очекуваат целиот Балкан годинава да испорача раст од 2,2 отсто. Е.Р.